Шпанскиот стручњак Раул Гонзалес ќе остана селектор на македонската ракометна репрезентација без разлика каква ќе биде иднината во Вардар по најавеното заминување на спонзорот Сергеј Самсоненко.
– Тоа што од идната сезона ќе си заминам од Вардар поради најавата на вардаровиот спонзор Сергеј Самсоненко дека од идната сезона нема повеќе да инвестира во Вардар, не се однесува и на македонската репрезентацијата. Јас и понатаму останувам на селекторското место, имам договор со Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и истиот ќе го почитувам. Нѐ очекува Европското првенство (ЕП), кое следната година ќе се одржи во Хрватска, а на кое и Македонија обезбеди настап. Во Македонија се чувствувам одлично, а ракометот е многу популарен спорт, кој има голем број приврзаници, што се виде и при нашето освојување на европската круна. – вели вардаровиот тренер и актуелен селектор на македонската репрезентација, Раул Гонзалес.
На селекторската позиција Шпанецот го наследи Лино Червар, кој си замина од клупата на Македонија по само десет месеци работење. Иначе, Раул Гонзалес ја почна четвртата сезона во „црвено црниот“ состав. Минатата му беше најуспшена освојувајќи ги титулите во Лигата на Шампиони, СЕХА лигата, националниот шампионат и Купот на Македонија.
OhridNews