Со врачување на уверението од страна на Општинската изборна комисија, новоизбраниот градоначалник на општина Дебрца, Игор Трајкоски, денес официјално го започна градоначалничкиот мандат.


Првото кафе во својата нова канцеларија, градоначалникот Трајкоски го испи заедно со Љупчо Којчиноски, кој претходно 16 години беше прв човек на општината.


– Им благодарам на жителите на општина Дебрца што ми ја дадоа довербата и ми овозможија во наредниот период да се докажам со делата кои ќе ги реализирам. Тие ќе бидат мојот критичар и коректор во работењето во наредните четири години, рече во своето обраќање  градоначалникот Трајкоски.


Првите честитки Трајкоски ги доби од советникот Дејан Пановски и портпаролот на ВМРО- ДПМНЕ Охрид, Никола Митровиќ, како и од новите членови на советот и бројните жители кои присуствуваа на свеченото примопредавање на градоначалничката функција.


Во просториите на Општина Дебрца во Белчишта, денес, од страна на Општинската изборна комисија им беа врачени уверенијата и на новите советници.

Советот на Општина Дебрца ќе го сочинуваат 11 советници- пет од Сојузот за иднината, исто толку советници од коалицијата За подобра Македонија и еден независен советник.