Играјте во дворовите, спортувајте, помалку седите на компјутер- им порача дипломираниот кинезитерапевт Јован Каланоски на шестоодделенците од основното училиште „ Христо Узунов“ каде се одржа првото од низата предавања, во рамки на кампањата за безбеден раст на децата што овој месец ја спроведуваат OhridNews и студиото „Кинезио“.
– Целта на предавањата е да ги запознаеме децата и родителите со проблемите околу деформитетите на рбетниот столб. Животот кој сега го живеат децата е многу поразличен од нашиот , разликата е многу голема. Сега ги имаат заборавено спортовите , игрите на улица и се е посветено на технологија, компјутери, дополнителни часови, носат тешки чанти, а мускулатурата не може да го издржи сето тоа и се јауваат деформитети на рбетниот столб, објаснува Каланоски.
Целна група се учениците во шестите одделенија, бидејќи како што потенцира Каланоски , возраста од 11 години е најкритична бидејќи тогаш се јавуваат деформитети , рбетот почнува постепено да се стабилизира и со работа и вежби може да се влијае за корегирање на деформитетите.
– Денес продолжуваат предавањата во нашето училиште со цел едуцирање на учениците од различни аспекти, како што претходно беше за епилепсија, правилно користење на интернет и сега за правилен раст и развој на децата. Од досегашното искуство можам да кажам дека учениците со внимание ги следат предавањата, имаат голем број прашања за темата и се надевам дека сето ова ќе придонесе кон тоа децата да израснат во изградени и здрави личности, рече директорот на ОУ „ Христо Узунов“, Тони Симоноски.
Резултатите од извршените прегледи минатите години покажуваат дека Охрид се соочува со многу сериозен проблем кај најмладите жители. Околу 80 проценти од децата имаат проблеми на мускулно скелетниот систем, кифози, сколиози, крив врат, проблеми кои се последица на недоволна физичка активност, неправилно седење, движење, но и родителско занемарување на растот и развојот на децата.
Во рамки на кампањата, за петнаесет дечиња со најсериозни деформитети студиото „Кинезио“ и OhridNews ќе обезбедат едномесечен бесплатен третман, односно вежби и часови по корективна гимнастика.