Членовите на Културно-уметничкото друштво „Гердан“ од Охрид во мешан состав – ветерани и играорци од првата постава, вечерва заминуваат на турнеја во Унгарија.
Тие во главниот град на Унгарија ќе учествуваат на Отворените денови на културата на Будимпешта, каде наредните денови ќе имаат неколку настапи на кои ќе презентираат дел од богатото македонско фолклорно наследство. На враќање играорците од „Гердан“ ќе остварат и посета на збратименото културно-уметничко друштво АНИП „Џидо“ од Бечеј.
КУД „Гердан“ е најстарото културно-уметничко друштво во Охрид, кое идната година прославува 45 години од формирањето. Во своето повеќедецениско опстојување ансамблот има настапувано на повеќе од 80 Интернационални фолклорни фестивали и смотри ширум Европа, успешно презентирајќи ја македонската песна и игра.
Патувањето на играорците од Охрид во Унгарија го помогна градоначалникот Александар Петрески, информираат од КУД „Гердан“.












