Икона на Свети Климент, на која се гледаат и ликовите на Светите Кирил и Методиј, од неодамна се наоѓа меѓу вредните предмети во манастирот Свети Ѓорѓи Зограф на Света Гора. Иконата со димензии 100*80 см, е донација на охриѓаните Иван Боев и Гоце Ристески, а е изработена од зографот   Јане Бакрески.

Манастирот за прв пат го посетив пред четири години со мој пријател кој постојано ги помага монасите. Се воодушевив од убавината на местото,богатството на манастирот, од гостопримливоста на монасите кои секогаш со задоволство ги примаат гостите, особено оние од Охрид. Св. Ѓорѓи Зограф го посетив уште неколку пати, но при моите посети забележав дека нема икона од Свети Климент, па затоа пред две години ја добив идејата да донирам икона со која охриѓани ќе остават трага во манастирот со што сите ќе се гордееме. Во тоа ме подржа и Гоце Ристески со кого првично сакавме иконата да ја изработаат монахињи од Струмица, но поради нивната презафатеност и краткиот рок за изработка до крајот на септември, изборот беше иконата да ја изработи зограф Јане Бакрески, објаснува Боев, кој и претходно донирал и го помагал манастирот, но како што потенцира, вистинските донации се оние кои не се изнесуваат во јавноста.

Манастирот Свети Ѓорѓи Зограф се наоѓа во северозападниот дел на Автономната Монашка Држава Света Гора на полуостровот Халкидики,Грција. Истиот е на 9-то место во хиерархијата на манастири во монашката држава и е еден од трите словенски манастири во Света Гора.

Манастирот Св. Ѓорѓи Зограф на Света Гора изграден е кон крајот на IX или почетокот на X век. Според легендата основан бил од тројца браќа од Охрид кои барале тивко место за да му се посветат на Бога. Најраниот документ кој зборува за неговото постоење датира од 980 година. Манастирот бил возобновен од Хаџи Волчо брат на отец Паиси и двајцата од Банско.

Т.К.

фото: Петар Боев