.Лошиот почеток кој резултираше со рано примен гол уште во 8-та минута, беше одлучувачки за минималниот пораз на македонската фудбалска репрезентација од Русија, што вечерва се одигра на арената „Филип Втори“ во Скопје.

Кержаков на „зборнајата“ и донесе злато вредни бодови, која со 9 бода од четири натпревари се наоѓа на чело во нашата квалификациска група. Македонија по којзнае кој пат одигра натпревар по кој ќе жали за пропуштените шанси, особено во второто полувреме кога избраниците на Јонуз во целост го надиграа противникот. Но, за жал, нашите  репрезентативци беа немоќни пред одличниот Акинфеев, кој во 73-та минута го одбрани и пеналот што го изведе Илчо Наумоски, а сојузник имаше и во пречката. За разлика од таличните руси, Македонија уште еднаш немаше среќа, и доколку драстично не се промени нешто во играта и резултатите на нашиот национален тим, овие квалификации уште од сега може да се каже дека се загубени.

Македонија по 4 одиграни натпревари има 4 бода. Следниот меч од квалификациите за пласман на ЕП 2012 „црвените“ ќе го одиграат на 26-ти март против Република Ирска на гости.

Г.М.