Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Калишта – Струшко, во кое настава следат 24 ученици, буквално се распаѓа. Во старта руинирана зграда изградена пред околу 80 години нема основни услови за одвивање настава, а поради влагата децата постојано се разболуваат, реагираат родителите.

-Шталите на запад изгледаат подобро он нашето училиште, кое го изградиле селаните пред 8 децении. Секој трет ден некое од децата завршува на лекар поради лошите услови, изјави Урим Јусуфи, претставник на родителите од училиштето „Браќа Миладиновци“.

Родителите им поставија рок на надлежните институциида извршат реновирање на училиштето, во спротивно, тие се заканија дека повеќе нема да ги пуштаат децата на настава.

-Тие само да донесат материјал, ние сами ќе го изградиме училиптето. Имаат рок недела дена, ако не го испочитуваат ќе ги извадиме децата од училиште, рече Јусуфи.

Директорот Агни Неџипи, вели дека неколку пати писмено било реагирано до локалната и централната власт со барање да се изврши реновирање на старото училиштето. Тој изрази надеж дека надлежните институции ќе изнајдат начин да се реши проблемот, но се сомнева дека може да биде испочитувано поставеното барање од родителите.

-Дали може да се реши проблемот за десет дена, а не е решен 50 години? Не верувам. Треба да се направи проект, инвестициски план, рече Неџипи. Тој најави дека училиштето ќе достави барање до основачот кој е надлежен да го проследи до секторот за капитални инвестиции во Министерството за образование и наука.

Пред десет години поставени биле темели за изградба на нова училишна зграда во Калишта, но оттогаш работите се застанати. Единствената инвестиција во старото училиште е промената на покривната конструкција за што средства биле обезбедени од странска донација.

Од локалната самоуправа велат дека се запознаени со проблемот во О.У.„Браќа Миладиновци“ и дека истиот ќе биде решен кога ќе бидат обезбедени финансиски средства од надлежното министерство.

Горан Момироски