Таканаречените пена парти на плажите на Охридското Езеро станаа дел од забавната понуда на Охрид, што според стручните лица може да има сериозни последици врз еко системот, a доколку се употребуваат во големи количини можат да се одразат и врз здравјето на луѓето, особено на помалите деца, кои имаат поосетлива кожа.
-Никогаш не сум слушнала дека вакви забави се организираат по океани, мориња, посебно не на езера. Ова е еколошка катастрофа да се испуштат илјадници литри хемикалии, шампони, во бисерно чистите езерски води за забава на младите и правење на бизнис и профит, вели Д-р Јулијана Лозие специјалист за семејна и ургентна медицина во Британска Колумбија.
Таа по дваесет години со свои пријатели од Канада дошла во Охрид да им го покаже најголемото македонско езеро, но вели дека едноставно е шокирана од ниската еколошка свест тука.
-Организаторите на ваквите забави велат дека имаат потврда од Министерството за здравство дека пената која се употребува не е штетна за човечката кожа, но никој не размислува што се случува со еко системот и кој се последиците по живиот свет во езерото, додава Д-р Лозие.
Таа посочува дека хемикалии се помалку треба да се употребуваат затоа што каква и да е хемикалија е хемикалија.
-Луѓето треба да се замислат што прават затоа што Охридското Езеро е светско природно наследство заштитено од УНЕСКО и не може забавата да биде на прво место пред грижата за езерото, истакна Д-р Јулијана Лозие, реномиран стручњак за семејна и ургентна медиција во Канада.