Овие податоци ги изнесе министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска која денеска ја посети Полициската станица за безбедност на вода во Охрид каде беше изложена дел од запленетата рибарска опрема која ќе биде уништена.
-За жал успешните заплени од страна на полицијата кои некако се редат во континуитет низ годините не го дадоа посакуваниот ефект, односно секоја наредна година ние повторно имаме кражба на рибниот фонд, дури и истребување на рибниот фонд, што значи дека не е доволно само полицијата да интервенира, истакна министерката Јанкуловска.
Таа посочи дека мрежите кои денес ќе бидат уништени неколкукратно може да го обиколат Охридското Езеро, но особено загрижувачки според неа е односот кон природните ресурси.
-Уништувањето на рибниот фонд не е само профит и недозволен риболов туку неповратен процес што го прави Охридското Езеро и целиот овој регион посебен и издвоен како природна реткост и токму затоа сите ние на начин на кој можеме треба да интервенираме за да се подигне свеста за потребата да се зачува ендемскиот карактер на видовите кои живеат во Охридското Езеро, бидејќи доколку тоа се уништи неповратно нема да може да се врати во првобитната состојба, додаде Јанкуловска.
Министерката за внатрешни работи најави дека и по давањето на Охридското Езеро под концесија, полицијата согасно законот ќе продолжи да се грижи за заштитата на рибниот фонд.