Од  денес професорката по математика, Вера Јовческа е новиот вршител на должност директор на охридската гимназија. Како што информира секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, оглас за избор на директор на оваа образовна институција ќе биде објавен откако ќе слегнат страстите околу последните случувања.

Ниту сега ниту во иднина нема да дозволиме прекршување на законската регулатива при носење одредени одлуки,  нема да дозволиме систем на надгласување и покажување на моќ во рамки на институцијата. Со денешното именување сето тоа е прекинато, во иднина ќе следи и објавување на оглас по донесено решение од страна на градоначалникот, а тоа ќе се случи откако ќе се смират страстите и кога ќе може да се разговара единствено за предложени концепти за надградба на образовниот процес, според законските прописи и доставена програма, по што градоначалникот ќе го донесе најдоброто решение за гимназијата, изјави Спасески.

Именувањето на професорката Јовческа за ВД директор, следува по неодамнешното поднесување оставка од  досегашниот вршител на должност директор , професорот Никола Тренески и поништувањето на постапката за избор на директор на охридската гимназија.

Т.К.