Кога пред десет години група актери од Охридскиот театар решија да излезат од рамките на класичната драмска форма и да му се препуштат на целосниот ризик на импровизацијата, малкумина можеа да претпостават дека ќе создадат едно од најпрепознатливите и најиздржани импров-шоуа кај нас. Денес, „ИМПРОВОКАЦИЈА“ слави 10 години постоење — деценија исполнета со спонтана креативност, директна комуникација со публиката и театар што се раѓа тука и веднаш исчезнува – но се памети долго.
„ИМПРОВОКАЦИЈА“ е составена од професионални актери од Охридскиот театар – Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски, заедно со пијанистот Никола Јосифоски и водителот Филип Ангеличин – Жура. Од самиот почеток, концептот е јасен: без однапред подготвен текст, без сигурна структура, без повторување. Само сцена, актери, музика и публика.
Она што го прави ова шоу посебно е фактот што публиката не е набљудувач, туку активен соиграч. Предлозите, зборовите, ситуациите и ликовите често доаѓаат директно од гледалиштето. Секоја вечер е нов предизвик, нова приказна и нова можност за неочекуван пресврт. Импровизацијата тука не е само техника – таа е договор за доверба меѓу сцената и салата, меѓу условното и реалното.
Прифаќање на ризикот да излезеш на сцена без претходно подготвени реплики и од обичните предлози на публиката да создадеш уметност во моментот, тој момент е магија, вели Никола Тодороски.
Во изминатите години, „ИМПРОВОКАЦИЈА“ не настапуваше само на матичната сцена во Охрид, туку и во повеќе градови низ Македонија, градејќи верна публика која доаѓа повторно – токму затоа што знае дека нема „реприза“. Секоја изведба е премиера.
Карактеристичен белег на шоуто е и импровизациското музицирање и пеење во живо, каде музиката не е придружба, туку рамноправен партнер во создавањето на сцените. Од комични песни до неочекувани музички стилови, пијаното станува двигател на моментот.
„Импровокација“ за мене значи слобода – да влезеш на сцена без сценарио, а да излезеш со приказна што никогаш повеќе нема да се повтори. Значи пријателство и партнерство, затоа што секој од нас носи различна енергија, а заедно сме еден хаос што совршено функционира”, истакнува музичарот Никола Јосифоски.
Десетгодишнината не е само бројка – таа е доказ за континуитет во еден од најнепредвидливите театарски формати вели “совеста” на шоуто Филип Ангеличин – Жура.
Овој јубилеј го гледам како повод за уште многу насмевки на лицата на нашата верна публика во иднина, на која од сѐ срце им благодарам за секој даден аплауз, додава Жура.
За актерот Филип Кипровски “Импровокација е масажа на мозокот со “happy ending”!” Импровизацијата бара храброст, брзина на мисла и партнерска прецизност. Бара и публика подготвена да се препушти. Токму затоа, успехот на „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е заеднички успех – на актерите и на гледачите.
Наместо класична јубилејна свеченост, тимот најавува прослава во свој стил – со уште повеќе интеракција, уште повеќе игра и уште повеќе изненадувања. Затоа што, како што вели актерот Стрезо Стаматовски, “импровизацијата не се слави со говори, помпезности, накитена сцена со цвеќе, туку со смеа и песна.
По десет години, мојата порака за публиката останува иста: театарот е жив кога е непредвидлив. А „ИМПРОВОКАЦИЈА“ токму тоа го прави – го одржува жив.”
OhridNews



















