28-годишната Калина Велевска е една од двете жртви во несреќата што се случи при обид за искачување на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе. Велевска која беше голем вљубеник во планината и природата, заедно со уште едно 35 годишно лице чиј идентитет се уште не е потврден, се одвоиле од групата која ја сочинувале педесеттина планинари и се изгубиле, што заврши со фатални последици.
Велевска две години по ред учествуваше и успешно ја поминуваше пеш 250 километарската трансверзела „Љуботен-Охрид“. Првата година секогаш ведрата Калина ја помина како единствена девојка.
– Пред три години кога се обнови оваа планинарска трансверзала имав голема желба да ја поминам, но поради сплет на околонсти не можев да учествувам. Оваа 250-километарска траса е голем предизвик и затоа меѓу нас планинарите важи за круна за сите претходни траси кои си ги поминал. На првиот состанок кога се договаравме бев единствено девојче, но тоа не ме поколеба и останав на ставот дека ќе бидам дел од тимот. Морам, значи морам да им се заблагодарам на момците кои ми пружија голема поддршка, морална и физичка за да стигнам до целта со нив. Се уште неможам да ги средам емоциите, но сега се чувствувам многу среќна и душевно исполнета. Покрај желбата и љубовта за планинарење за успешно помината тешка траса каква што е „Љуботен – Охрид“ потребна е и психичка и ментална стабилност. Физички морате да бидете подготвени повеќе од 100%, но психата мора да е стабилна во секое време бидејќи констатно се соочуваш со несекојдневни предизвици кои само планината може да ги понуди. На сите девојчиња па и машки, кои имаат трошка љубов кон планината силно би им препорачала да не се мислат и двоумат туку веднаш да ја разгорат и да тргнат на планина. – изјави Велевска по пристигнувањето во извидничкиот центар Охрид во 2016 година.
Планинарското друштво „Транверзалец“ изгуби верен член чија душа остана во планинските височини.
OhridNews
Фото: Архива