Инает на кафанџии на познатата улица „Цар Самоил“ во центарот на градот без спиење ги остави охриѓани и туристите. Од објектите, иако полупразни, до доцна во ноќта ечи различна музика многукратно посилна од дозволеното ниво, која се слуша на сите страни. Граѓаните кои живеат во непосредна близина секојдневно се жалат на преголемата бучава, а негодуваат и сопствениците на другите угостителски објекти, на кои гостите им бегаат поради прегласната музика од соседството.

Претставници на Урбаната заедница 1 – Стар Град за овој и сличните проблеми редовно ги информираат надлежните инспекциски служби, локалната самоуправа и полицијата. Се жалат дека поради неодговорното однесување на поединци трпат сериозни последици, а голем дел од нив имаат и здравствени проблеми.

И покрај  забелешките Советот на општина Охрид неоадамна усвои одлука со која за еден до два часа го продолжи работното време на угостителските објекти за определени празници и викенди во летната сезона. Советниците сметаат дека на тој начин им се излегува во пресрет на угостителите, но исто така очекуваат тие да ги почитуваат законите и прописите, кои на очиглед на сите секојдневно се кршат.

OhridNews