Индиското регулаторно тело СЕБИ, денеска, од Врховниот суд на Индија побара казна затвор од 6 месеци или парична казна за бизнисменот Субрата Рој, пренесува Тајмс оф Индија, јавува „Телма“.
Рој е обвинет за доцнење со враќањето на 4 милијарди долари на малите акционери. Иста казна се бара и за директорите на компаниите Сахара Индија Реал Естејт и Сахара Индија хаусинг инвестмент, поради тоа што заедно со Рој не ја исполнувале судската одлука за враќање на парите иако претходно добиле дополнително време тоа да го сторат. Бизнисменот од кој се очекуваат големи инвестиции во Македонија се товари и за прекршување на регулативните акти на СЕБИ.
Како што е познато, компанијата на Субрата Рој „Сахара Индија Паривар“, сака да гради луксузен туристички ресорт на Охридското Езеро кај Љубаништа, вреден повеќе стотини милиони евра. Земјиштето на локацијата каде е предвидено да се гради комплексот во голем дел им припаѓа на приватни сопственици, и на Дебарско – кичевската епархија, која на неколку пати до сега јавно се произнесе дека не е заинтересирана да го отуѓи својот имот.
извор:„Телма“