Создавање туристички дестинации каде пристапноста не е само инфраструктурно прашање, туку составен дел од целокупното туристичко искуство е целта на проектот AdvenTour II – „Достапна авантура преку границите“ кој го спроведуваат YMCA Thessaloniki, Greek National Tourism Organisation, Општина Охрид, Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Скаут асоцијација „Крсте Јон“ Струга.

Во насока на запознавање на граѓаните, туристичките работници, локалните организации, институциите и другите релевантни чинители повеќе со проектот, неговите цели и нивно вклучување во активностите што во следниот период ќе се реализираат во Охрид, Струга и Нимфео, на 20 август во 13:00 часот-Базен „Атина Бојаџи“ Охрид и во 17:00 часот на Пристаниште Охрид ќе се одржи Инфо ден.
Инфо денот ќе отвори простор и за разговор за можностите што ги создава прекуграничната соработка меѓу Северна Македонија и Грција. Преку размена на знаење, искуства и добри практики, проектот има амбиција да придонесе кон развој на туристичка понуда која е попристапна, поинклузивна и поконкурентна.
Во рамки на проектот се предвидени активности за подобрување на пристапноста на туристичките локации и доживувања, обезбедување адаптирана опрема, како и обуки, менторство, практично учење и размена на искуства, наменети за туристичките работници и другите чинители, со цел подобро разбирање и одговарање на различните потреби на посетителите.
Пристапниот туризам не значи само отстранување на физичките бариери. Тој значи создавање можност секој посетител да се чувствува добредојден и да може целосно да го доживее местото што го посетува, е една од клучните пораки на иницијативата.
Инаку, проектот е кофинансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.
OhridNews










