Во четврток на 26-ти јануари 2023 година со почеток во 11 часот во Старт-ап центарот Касарна Хаб во Охрид ќе се организира информативен настан за предизвикот „Со дигитална трансформација до иновација“.
Во рамки на двочасовната агенда предвидена е презентација на основните услови и процедури за доделување на средства во рамки на јавниот повик „Со дигитална трансформација до иновација“, а ќе бидат презентирани и реални примери за дигитализација и дигитална трансформација, информираат од Општина Охрид.
Предизвикот „Со дигитална трансформација до иновација” е наменет за мали и средни претпријатија од земјоделско – прехранбениот и туристички сектор. Целта е да се овозможи зголемување на иновативноства и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење.
Преку поддршката за дигитална трансформација во рамките на овој предзвик, претпријатијата од земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор како натпреварувачи ќе можат да ги дигитализираат процесите и услугите со што ќе обезбедат подобро планирање, донесување на бизнис одлуки на основ на анализа на податоци и подобрување на целокупното работење; да го овозможат или забрзаат воведувањето на иновативни производи, услуги и процеси; да го оптимизираат производниот процес и со тоа да ја зголемат економијата на обем; да ги намалат трошоците за производство и со тоа да креираат поконкурентна цена; да го унапредат откупот на суровини и со тоа да влијаат на синџирот на добавувачи; да создадат услови и можности за креирање нови работни места, информираат од Касарна Хаб.
Вкупниот буџет на предизвикот изнесува 18.450.000 денари, а Фондот обезбедува финансирање до 70% од вкупниот буџет за проектот за микро или мало претпријатие, односно до 50% вкупниот буџет за проектот за средни претпријатија, во максимален износ од 1.845.000 денари.
Настанот се организира со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската агенција за развој SDC, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.
OhridNews