Од година во година, се повеќе странски студенти се одлучуваат да се запишат на најмладиот државен Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“  во Охрид. Иако доаѓаат од различни делови на светот, она што ги обединува студентите од оваа високообразовна институција е предизвикот и атрактивноста кои ги носат техничките науки.

Nguyen од Виетнам, Ахмед од Египет, Bat-Оrgil од Монгологија, Вилијам од Гана и Мери од Нигерија се само дел од многуте странски студенти, кои веќе неколку години живеат и се образуваат во Охрид. Некои од нив за Македонија слушнале преку Агенциите за доделување стипендии во матичните земји, додека други преку пријатели кои ги споделиле нивните позитивни искуства од Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

За Универзитетот Св. Апостол Павле дознав од близок пријател од Виетнам, кој изминативе две години бил тука. Ме запозна со условите кои ги нуди оваа високообразовна институција и ме посоветува дека Универзитетот е добар во областа на информатичките технологии. Така се одлучив да дојдам тука и ете, веќе втора година сум студент во Охрид.“ – вели Nquyen Duc Momh, студент на УИНТ „Св. Апостол Павле“ од Виетнам.

За повеќето од нив, Охрид претставува одлично место кое нуди солиден студентски живот, во кое како главни адути се издвојуваат гостопримстовото и природните убавини со кои располага градот.

Се радуваме што сме тука. Ова е одличен град, а времето е идеално. Бидејќи Охрид е туристичко место, луѓето не’ не гледаат чудно. Предност плус е тоа што сите зборуваат англиски, па така можеме да се разбереме со секого. На почетокот од студентската година, кога нови студенти се запишуваат на Универзитетот, ги посетуваме културно-историските споменици и музеите. Понекогаш одиме на местата кои изобилуваат со природни убавини, планините, езерото.“ – вели Вилијам Асиама од Гана, кој веќе четврта година студира на УИНТ „Св. Апостол Павле.“

Нашите соговорници велат дека во градот постојат добри места каде можат младите да се забавуваат, но потребни се клубови каде може да се танцува и игра.

„Ноќниот живот воглавно е добар. Има неколку места каде може да се излезе. Во првите две години, почесто излегувавме и се забавуваме, но со тек на време сето тоа стана монотоно. Морам да напоменам дека во летниот период, градот е одличен за журки. Во моментов, најчесто пешачам покрај езерото, особено во вечерните часови.“ – вели Bat-Orgil, студент од Монголија.

Климатските услови во Охрид и Макеоднија се делумно различни во однос на матичните земји од каде што доаѓаат нашите соговорници. Во Гана и Нигерија, дневните температури се искачуваат до 40-иот степен Целзиусов, зимата во Египет не постои, додека континенталната клима во Виетнам носи врнежливи периоди во текот на годината.

Климата е комплетно различна од онаму од каде што доаѓаме. Во Гана и Нигерија е слично. Денски имаме 40 степени Целзиусови, а ноќе температурата паѓа до 25. На еден начин, константно е топло и многу посуво.“ – вели Omueguale Merry Merry, студентка од Нигерија.

Покрај климатските услови, различните верски празници, практикувања и обреди, она што најмногу им недоставува на овие странски студенти кои живеат во Охрид е домашната кујна. Како што тие велат, со текот на времето човек се навикнува на различностите кои постануваат дел од секојдневието.

Најмногу што ни недостасува на сите е домашната трпеза. На почетокот кога дојдовме тука, веднаш се информиравме и научивме каде подготвуваат добра и вкусна храна. Она што е најразлично се датумите на верските празници. Католички Божиќ е на 24-ти, додека православен на 7-ми јануари. Но со тек на време се навикнавме.“ – велат дел од нашите соговорници.

Тука ги имам посетено џамиите во центарот на градот, бидејќи сум муслиман. Имам доста контакти со месното население. Практикувањето на религијата е исто, но има некои разлики. На пример, во Египет е строго забрането да се пие алкохол, за разлика оттука.“ – вели Ахмет Мехинг, студент од Египет.

За крај, нашите соговорници велат дека во текот на студирањето, кој повеќе кој помалку, научил дел од македонските јазик.

Кога ни зборуваат побавно на македонски,  тогаш можам да ги разберам. Но она што прво го научив е една пцовка. Дури добив и пофалба. Во секој случај интересно, со оглед на тоа што заеднички јазик за сите нас како студенти е англискиот.“ – завршува Bat-Orgil.

О.Трајчески