Како што е најавено, ќе се посетат сите населени места во општината, каде од страна на претставник на Центарот за развој на југозападниот плански регион, на жителите ќе им бидат претставени проектите кои се реализирани, но и тековните активности и мерките што во иднина ќе се спроведуваат со цел економски и рамномерен развој на останатите региони во однос на Скопскиот.
Како приоритети во програмата се истакнуваат економскиот развој, развој на патната мрежа, одржливо управување на водениот потенцијал, агро бизнис конципиран на современ концепт на производство на земјоделски производи препознатливи за регионот и одржлив рурален развој базиран на современи знаења и технологии.
Жителите ќе се информираат и за програмата за рурален развој а ќе се делат и промотивни брошури и изданија кои се однесуваат на работата на Центарот.
Индивидуалните производители на органска храна, мед и млечни производи ќе имаат можност да ги остават своите податоци во Центарот со цел да бидат повикани за обуки, како и да се промовираат на веб порталот на центарот кој се ажурира на четири јазици.