Општина Охрид ќе испрати официјално барање до ресорното министерство за труд и социјална политика за воведување двосменска работа на градинките во Охрид. Ова следи откако владејачкото мнозинство во советот на град Охрид ја прифати иницијативата на партијата Левица. Партијата соопшти дека за ова се разговарало на состанокот помеѓу советничката на Левица, Виолета Аврамоска, претседателот на Советот, Сашо Донев и раководството на детската градинка „Јасна Ристеска“.

На состанокот беа донесени следниве два заклучоци:

1. Директорката да побара одобрение од Министерството за труд и социјална политка за спроведување на анкета на територија на општина Охрид за потребата од двосменско работење на детските градинки на територија на Општина Охрид

2. Да се изработи студија за потребниот персонал и финансиска анализа.

Откако ќе бидат завршени овие процедури, иницијативата ќе биде ставена на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид. –  информира Левица.

Додаваат дека се работи подолг процес кој ќе трае повеќе месеци.

Левица будно ќе ја следи координацијата помеѓу централната и локалната власт. Ова не е иницијатива за целодневен престој на децата во градинка, туку двосменско работење, во зависност од работната смена на родителите. Очекуваме министерката Јована Тренчевска сериозно да пристапи кон реализацијата на оваа иницијатива, имајќи ги предвид потребите и барањата на сите жители на Охрид. – велат од Левица.

OhridNews