Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денес оствари работна средба со поранешниот градоначалник и актуелен советник во Советот на германскиот град Дортмунд , Рутиге Шмит. На средбата двете страни се сложија дека има реална основа за соработка помеѓу Охрид и Дортмунд на повеќе полиња и дека ова ќе биде само еден добар почеток за широка и долгорочна соработка помеѓу двата града.
Според охридскиот градоначалник целта на средбата е воспоставување на соработка која ќе се одржи во иднина и би вродила со долгорочни резултати.
– Разговаравме за можностите за соработка во полето на културата и една од нашите заложби беше за наредното издание на фестивалот Охридско Лето да донесеме некои од уметниците од Дортмунд . Ја разгледавме и можноста нивната филхармонија да настапи на овој наш реномиран музички фестивал. Разговаравме за можностите за промоција и афирмација на градот Охрид во делот на туризмот меѓу тур операторите и туристичките работници во Дортмунт и околината како и можностите за привлекување на поголем број туристи од овој регион на Германија кон градот Охрид што би значело и евентуално воспоставување на идни чартер летови од охридскиот аеродром кон градот Дортмунд. Другиот дел на разговорите го посветивме на можностите за културна размена меѓу овие два града во делот на изучување на германската култура и јазик во Охрид со поддршка на стручни лица, односно учители кои тие би ги пратиле од овој германски град, а кои предавања овде би се организирале како бесплатни курсеви за нашите граѓани со што би ги изучувале и германскиот јазик и култура, изјави по средбата градоначалникот Бакрачески.
Гостинот Рутиге Шмит изрази подготвеност за соработка помеѓу овие два града и желба да иницира голем број активности за воспоставување на тесна соработка на повеќе полиња.
– Моја желба е да има соработка меѓу двата града. Прво бесплатно изучување на германски јазик кај вас и настап на филхармонијата од Дортмунд на вашиот фестивал “Охридско Лето“-истакна Шмит.
Средба со поранешниот градоначалник Дортмунд , Рутиге Шмит, оствари и директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска која гостинот го информира за големината и значењето на оваа голема културна манифестација, за нејзините почетоци и долгогодишната богата историја како и за најголемите музички имиња кои настапиле на фестивалската сцена.
Денешната работна средба беше на иницијатива на нашиот иселеник во Германија, Илија Котлароски кој е вљубеник во Охрид.
OhridNews