Младиот адвокат од Охрид Ристо Китески ја поднел иницијативата за амнестирање лица инволвирани во изборни нерегуларности. Тој вели дека стои зад иницијативата поднесена пред Уставниот суд оти е неуставно претседателот на државата да не може да помилува осудени лица за изборни измами и нерегуларности. Додава дека иницијативата е лично негова и дека не гледа ништо спорно во неа. 

-Иницијативата за измени во Законот за помилување до Уставниот суд е моја и стојам зад неа. Секој адвокат, впрочем како и секој граѓанин на Република Македонија може да поднесе иницијатива пред Уставниот суд, а на него е да процени дали истата ќе ја прифати или не. – рече адвокат Ристо Китески.

Иницијативата на Китески исклучително брзо е процесуирана во Уставниот суд. Китески не сакаше да го коментира тоа, посочувајќи дека се работи за административна постапка на судот.

Иако работи во канцеларија со адвокатот Љупчо Наумовски кој е бранител на осомничени странки во случајот „Титаник“, Китески тврди дека не е негов соработник, туку самостоен адвокат кој работи за себе. Додава дека канцеларијата ја дели со Наумовски од финансиски причини, односно за намалување на трошоците за тековно работење.

Инаку, Уставниот суд прифати да ја разгледа иницијативата за промена на Законот за помилување, со која повторно му се дава право на претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности.

Петмина уставни судии гласаа „за“, а четири „против“. Иницијативата ја поддржаа судиите Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојановски, пренесува „Макфакс“.

Законот во 2009 година го потпиша поранешниот претседател Бранко Црвенковски, и во него се наведува дека претседателот нема повеќе да има надлежност да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности.

Сега, со изгласаната одлука на Уставниот суд, претседателот повторно ќе може да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности.

Инаку, ова барање дојде откако Специјалното обвинителство го отвори предметот „Титаник“ со кој се истражуваат изборни нерегуларности во кои се вмешани актуелни и поранешни функционери.

 Горан Момироски