Четири училишта од Македонија меѓу победниците на завршното натпреварување на Академијата на средноевропски училишта за прекугранични училишни партнерства за иновативен проект за волонтирање

На меѓународниот натпревар за прекугранични училишни партнерства на Академијата на средноевропски училишта (АЦЕС), одржан неодамна во Сенец, Словачка гимназијата Нова од Скопје со проектот „Волонтерски клуб 365“, ОУ Јосип Броз Тито од Струга со проектот „Виножито волонтери“, ОУ Страшо Пинџур од Неготино со проектот „Малите акции прават големи промени“ и ОУ Димитар Миладинов од Скопје со проектот „Како што нашите раце се здружуваат“, се меѓу победниците врз основа на одлуката на меѓународното жири во конкуренција на 103 училишта од 15 земји од регионот.


„Многу уживав во АЦЕС натпреварувањето, особено затоа што бев во можност да ги мотивирам учениците да се вклучат и значително да го променат животот на членовите на нивната заедница. Учениците беа среќни, бидејќи им беше дадена слобода да го користат сопствениот талент и да го прифатат волонтирањето како дел од секојдневниот живот. Им го препорачувам АЦЕС на другите училишта со цело срце, бидејќи потребна е голема поддршка за добрите идеи да се спроведат во пракса, а тоа во целост го добивате од АЦЕС, вели Александар Ристовски, професор во гимназијата НОВА од Скопје, едно од училиштата, кое победи со проектот „Волонтерски клуб 365“.

На завршната академија на ова натпреварување од 27 до 30 март учествуваа речиси 350 ученици и професори, делегации од училиштата од претходните АЦЕС натпревари и претставници на министерствата за образование на земјите учеснички од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка и Словенија, а учениците од овие земји ги претставија своите проекти на тема волонтирање и ги споделија своите искуства и она што го научиле.

Мрежата АЦЕС ја формираше фондацијата ЕРСТЕ во 2006 година. Денес мрежата брои 15 држави. За координација на иницијативите се задолжени непрофитните организации Интеркултурен центар од Австрија и ВЧЕЛИ ДОМ од Словачка, со поддршка на Министерствата за образование на сите земји членки. Секоја година се одржува натпреварување за најдобри проекти во рамките на училишните партнерства. Меѓународното жири ги избира најдобрите проекти кои добиваат парични награди. Наградените училишта добиваат поддршка за време на реализацијата на своите проекти и се поканети на меѓународните состаноци на мрежата, како овој во Сенец.

Новиот конкурс за училишни партнерства за училишната 2012/2013 година веќе е распишан, а новата тема е: „Проверка на реалноста – како го гледаме и создаваме светот преку медиумите“.