Во периодот меѓу 7-ми и 10-ти октомври Институтот Димитрија Чуповски спроведе телефонска анкета на 1237 испитаници за да ја измери поддршката на граѓаните кон политичките партии и политичките лидери во Република Македонија, како и нивните перцепции за политичките партии во неколку сегменти од политичкото делување.

На прашањето за која политичка партија би гласале на предвремените парламентарни избори, 27,6 проценти одговориле дека својот глас ќе го дадат за ВМРО-ДПМНЕ, додека 16,1 отсто би гласале за СДСМ, пренесува „Макфакс“.

Во однос на тоа на кој политичар граѓаните најмногу му веруваат, 30,1 процент од анкетираните изјавиле дека за нив тоа е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, додека 8,9 отсто сметаат дека тоа е пак лидерот на СДСМ, Зоран Заев. По нив следат лидерите на албанските политички партии, Али Ахмети од ДУИ со 5,9 проценти и Мендух Тачи од ДПА со 2,6 отсто.

Запрашани за тоа која политичка партија ќе победи на следните избори, 40,5 отсто сметаат дека тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, додека 14,8 проценти рекле дека победник на предвремените парламентарни избори ќе биде СДСМ.

Во анкетата која беше на ниво на целата територија на Република Македонија, беа опфатени сите изборни единици, но и други релевантни демографски карактеристики на населението како пол, возраст, и етничка припадност. Дополнителна поделба беше направена и според руралните и урбани места на живеење. Од институтот додаваат дека сите резултати од анкетата подлежат на статистичка грешка од +/- 2 проценти.

OhridNews
извор: „Макфакс“