„Хидробиолошкиот завод стои на ставот дека Охридското Езеро сеуште не треба да се дава за стопански риболов“, рече денеска во рамките на јавната расправа за риболовните основа на Охридското Езеро, директорот на оваа установа, Гоце Костоски.


Тенедерот за давање под концесија на природните езера не е поништен туку е само прекинат, објасни Костоски. „ Денешната јавна расправа е во насока, да му помогнеме на министерството за земјоделство и да најдеме начин за понатамошен спортски и стопански риболов во природните води. Нашето размислување е дека езерото сеуште не треба да се дава за стопански риболов. Кога ние ќе увидиме дека има можност за тоа, тогаш може да продолжи ваквиот риболов“, додаде  Костоски.


Сличен е ставот и на директорот на државниот инспекторат за земјоделство Ванчо Димитриев. Димитриев сепак признава дека и покрај заштитата на езерото, нелегалниот излов на рибата е присутен.

„Трета година откако постои рибочуварската служба, иако со мал луѓе опремени со пловни објекти, за жал, рибократството се повторува често. За овие три години имаме над 5 илјади запленети мрежи и фатена е огромна количина риби“, изјави Димитриев. Неговите очекувања се дека ќе има синхронизација на законодавството од македонска и албанска страна.


Со тоа, подвлче тој, но и со вештачкиот мрест од наша страна, сметаме дека ќе ја вратиме рибата во езерото.
На прашање дали не е подобро со езерото да стопанисува општината, директорот на инспекторатот за земјоделство вели кога ќе се распише тендерот за концесија може да се јави и општината, зашто таа може и најдобро да се справува со проблемите сврзани со опстанокот на езерото. Димитриев истакна дека досега министерството немало добра соработка со локалната.


Стопанскиот риболов да се дозволи само откако ќе се обнови рибниот фонд во езерото, предупредија и од спортско-риболовното друштво „Свети Апостол Петар“.

-Спортските риболовци ќе дадат се од себе да ја спречат концесијата на Охридското Езеро, затоа што нема доволно рибен фонд. Не се согласуваме да се даде дозвола за лов на сите други риби освен за пастрмката, бидејќи и таа ќе заврши во риболовните мрежи и затоа се залагаме единствено да се додели концесија за рекреативен риболов, рече Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.

А.Р.