Во рамките на одбележувањето на „Денот на Дрим 2026“, во Охрид се одржа институционална средба посветена на подигнување на јавната и стручната свест за екстремните суши и реперкусиите од климатските влијанија врз водните екосистеми во сливот на реката Дрим. Овој значаен настан беше реализиран во организација на Регионалниот зелен центар – Охрид, а поддржан од Глобалното партнерство за води – Медитеран (GWPMed) и Дримската координативна акција, обединувајќи релевантни научно-истражувачки институции, тела на локалните самоуправи од регионот и невладини организации со регионална и трансгранична соработка.

Денешната средба беше со цел кохезија помеѓу науката, локалните власти и ние како граѓански сектор. Теренските истражувања ги направивме во Преспа и во Дебрца за да посведочиме на сегашното време. Ги користиме видеата кои ги работевме на терен заедно со Хидробиолошкиот институт и со експерти од земјоделие. Зборуваме за шест региони во Преспа, почнувајќи од Крани, завршувајќи према Стење. На тие кратки видеа може да се види каква е сегашната состојба. Сите предлози, заклучоци од денешната средба ќе ги проследиме до институциите, потенцираше Матески.
Во фокусот на стручните презентации, метеорологот Пеце Ристовски ги елаборираше комплексните климатски и хидрометеоролошки состојби во охридско-преспанскиот регион, нагласувајќи ја променливоста на водниот биланс, по што следеше премиерно прикажување на документарен филм посветен на долготрајната суша и климатските предизвици на Преспанското Езеро.

Конекциите меѓу антропогените притисоци и деградацијата на природните ресурси ги образложи Ѓоко Зороски преку анализа на теренските истражувања во Општина Дебрца, акцентирајќи го директното влијание врз локалните екосистеми, земјоделството и заедниците.
Во рамки на институционалната сесија, претставниците од општините Охрид, Струга, Дебрца, Дебар, Ресен и Поградец ги разгледаа капацитетите на постојните механизми за управување со водните ресурси, детектирајќи ги главните предизвици поврзани со флуктуациите на водостојот и дефинирајќи ги идните регионални приоритети.

Документот апелира на итна имплементација на интегрирано управување со сливното подрачје како единствен хидролошки континуум, митигација на антропогените притисоци преку строга контрола на еутрофикацијата, воспоставување унифициран трансграничен мониторинг, како и креирање политики засновани исклучиво на емпириски научни докази. Завршниот заклучок од настанот подвлекува дека конзервацијата на биодиверзитетот и социо-економскиот развој се взаемно комплементарни, бидејќи валоризацијата на екосистемските услуги, органското земјоделство и развојот на иновативен научен и екотуризам претставуваат фундамент за долгорочна еколошка и економска стабилност на Дримскиот слив, потенцираат.

Со цел да се обезбеди еколошки интегритет и долгорочна стабилност на природните вредности, се предлагаат следните препораки:
- Имплементација на Интегрирано управување со сливното подрачје (Integrated River Basin Management): Воспоставување на холистички пристап кон управувањето кој ги третира површинските и подземните води, притоките и водните живеалишта како единствен, меѓусебно зависен хидролошки континуум.
- Митигација на антропогените притисоци: Строга контрола на еутрофикацијата, ограничување на интензивното земјоделство во непосредна близина на водните тела и минимизирање на негативните ефекти од урбанизацијата преку просторно планирање засновано на еколошки капацитети.
- Национален интердисциплинарен мониторинг: Воспоставување на унифицирани протоколи за анализа на долгорочни серии на сите водни тела во сливот, овозможувајќи споредливост на резултатите на прекугранично ниво и олеснување на трансграничната научна соработка.
- Адаптација на климатски промени: Интегрирање на модели за климатска прогноза во плановите за управување со водните ресурси, со посебен акцент на варијабилноста на водниот биланс и флуктуациите на водостојот на езерата.
- Зачувување на генетичката диверзификација: Активна заштита на ендемичните видови преку зачувување на нивните природни живеалишта (in-situ конзервација), спречувајќи загуба на биодиверзитетот како резултат на фрагментација на хабитатите.
- Промоција на екосистемски услуги: Валоризација на екосистемските услуги што ги обезбедуваат водните живеалишта, особено улогата на природни биофилтри во процесите на седиментација и пречистување на водите пред нивното вливање во Охридското Езеро.
- Синхронизација на науката и политиките (Evidence-based Policy Making): Обезбедување механизам за континуиран проток на емпириски научни сознанија кон носителите на одлуки, со цел креирање на политики за одржлив развој кои се базираат на научни докази, а не на ад-хок интервенции.

Развој на „зелена“ економија преку одржливо земјоделство: Поттикнување на органското производство на автохтони земјоделски производи со сертификат за географско потекло, кои се директно поврзани со чистата животна средина на регионот.
Иновативни форми на „бавен“ туризам: Развој на пешачки, велосипедски и кајакарски рути кои овозможуваат доживување на природата без нарушување на биолошкиот интегритет на хабитатите.
Научен и едукативен туризам: Позиционирање на регионот како дестинација за меѓународни научни кампови, студентски пракси и теренска настава, базирани на богатиот ендемизам и геодиверзитет.
Аквакултурни практики базирани на научни докази: Примена на одржливи методи во одгледувањето на автохтони видови риби во акумулациите, што обезбедува економска егзистенција за локалните заедници без загрозување на автохтоната ихтиофауна.
Ревитализација на традиционалните занаети: Поврзување на локалното културно наследство со туристичката понуда, преку создавање на автентични еко-брендови кои ја промовираат уникатноста на регионот.
Ваквите развојни модели не само што ја евалуираат заштитата на природата како инвестиција, туку и обезбедуваат директни социо-економски придобивки за локалното население, претворајќи го Дримскиот слив во европски пример за успешна кохабитација помеѓу човекот и природата. Заштитата на природата и локалниот развој не се спротивставени цели. Напротив, правилно управуваните природни богатства создаваат можности за развој на одржлив екотуризам, едукативни програми, и нови економски активности кои ги почитуваат природните процеси, беше потенцирано на средбата.
Дримскиот слив со Преспанското и Охридското Езеро и двете акумулации Глобочица и Шпилје располага со исклучителен потенцијал за развој на различни форми на туризам, кои истовремено ја зачувуваат природата и обезбедуваат придобивки за локалното население.
OhridNews
фото. А. Момироска






















