Последните месец дена сведоци сме на уште една манипулација од страна на мала група на поединци за остварување на своите лични амбиции и интереси, во име на заедницата на Египќаните во Охрид. Имено станува збор за група на млади лица кои се декларираат како некакво си граѓанско движење „Обединета Алтернатива на Египќаните“, а делува исклучиво политички и се појави непосредно пред почетокот на изборната кампања за избор на претседател, како и за градоначалник на Охрид.

Секој си има за право да делува политички како поединец за било која опција, но ако се појавуваат како организирана група, законите велат дека треба да имаат статут, програма за делување и да бидат регистрирани како политичка партија. Доколку пак делуваат како здружение на граѓани и доколку се регистрирани како такви, според Законот за здруженија на граѓани и фондации тие немаат право да учествуваат во изборна кампања, како организација и да се појавуваат со банери и симболи на тоа неформала група по политички настани. Никој не ги брани и како граѓани да поддржуваат некој кандидат или политичка партија, но тоа не можат да го направат јавно како нерегистриран правен субјект, а уште повеќе да кажуваат дека биле во коалиција со некоја политичка партија!

Во случајот и во моментов т.н. Обединетата Алтернатива на Египќаните, не е во никаква коалиција, туку е само дел на едно делување на политичка партија, а тоа јавно го прикажаа и во саботата на 06 Април 2019, на митингот на Демократската Унија за Интеграција во Охрид, каде и учествуваше и врвот на партијата на чело со господинот Али Ахмети. Бидејќи, за коалиција е потребно да има договор помеѓу два субјекти, доколку постои таков договор, (а знаеме дека не постои) истиот треба да биде јавно обелоденет за биде јавноста транспаретно запознаена.

Во случајот со споменатато граѓанско движење која го користи називот „обединета“, не е јасно кој со кого се обединил, како и кои други општини освен во Охрид, се приклучени во нивното „граѓанско движење“ врз непостоечката програма за делување.

Сето ова покажува дека Египќаните од Охрид, како малцинска заедница, е повторно цел на перфидна бескомпромисна манипулација за лични цели и амбации на поедници, кои не бираат средства и начин да манипулираат со јавноста, а мирниот и лојалниот народ т.е. припадниците на заедниците на Египќаните да ги инструментализираат.

Поради тоа ние долупотпишаните граѓани, интелектуалци, активисти и поддржувачи на каузата на Египќаните, упатуваме апел до сите граѓани, политички партии и кандидати на престојните избори за претседател на Република Северна Македонија, како и за градоначалник на општина Охрид, да го почитуваат достоинството на припадниците на заедницата на Египќаните, нивното граѓанско право на слободно уверување и гласање на претстојните избори, да не се манипулира колективно со нивните гласови за туѓи интереси, и да не се злоупотреби етнички идентитет на Египќаните, за остварување на интересите на поединци од оваа заедница, а во случајот и за поедници кои припаѓаат и на други заедници.

Малик Јусуфоски, бизнисмен од Охрид
Демир Далип дипл. Правник – активист на каузата на Египќаните
Уке Демироски – поранешен претседател на Здружението на Египќаните во Македонија
Наполеон Камбери дипл. политиколог, поранешен претседател на Партијата Демократско Движење на Египќаните во Македонија
Сервет Курто, дипл. менаџер по царина и шпедиција
Решат Сулејман, бизнисмен од Охрид
Проф. Рубин Земон, доктор по етнолошки науки – пратеник во Собранието на Република Северна Македонија
Бесим Демиров- советник во Советот на општина Охрид
Јашар Ајдароски, бизнисмен од Охрид
Здружение на Египќаните „Пирамида“ – ЗЕМ

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите