Охридската полиција презема интензивни мерки за пронаоѓање на најмалку 3 лица кои учествувале во синоќешниот вооружен инцидент во угостителски објект на улицата “Абас Емин”.

Како што стои во извештајот од СВР- Охрид, лицата по кои во тек е интензивна потрага, синоќа околу 21 часот и 30 минути, пристигнале со патничко моторно возило по што влегле во барот, вооружени со огнено оружје. По викањето и упатените навреди кон сопственикот на објектот,  оружјето го впериле кон вработените. Едниот од нив, од пластична туба започнал да го прска ентериерот на барот со запалива течност по што опожариле завеси и друг дел од инвентарот.


Бегајки од барот, во кој за кратко време се слушнала експлозија, тие испукале неколку истрели од ловно огнено оружје.

По кратко време, напаѓачите застанале на една бензиска пумпа на излезот од Охрид. Тука побарале сет за прва помош по што избегале од бензиската станица без да ја платат сметката за горивото.

СВР Охрид, располага со сознанија за можните сторители. Во тек се мерки за целосно расчистување на настанот.

OhridNews