Жителите на струшко Подгорци обвинуваат дека покрај планска, во атарот на селото извршена е сеча на голема површина шума со немаркирано дрво. Ова како што тврдат од Месната заедница на селото било воочено при заедничкиот увид направен деновиве од страна на шумската полиција и претставници на месното население, кое го евидентирало настанот со видео снимка.
-Нашата планина располага со високостеблести дрва и во ред е ако преку техничарите плански се маркираа дрвата па се сечат да се проретчи шумата, но имаме информации кои ги проверуваме и на лице место, дека цели ридови, односно планини се комплетно исечени, изјави Мирсад Реџоски – претседател на МЗ Подгорци.
Жителите на Подгорци бараат стопирање на сечата и транспортот на огревно дрво од страна на „Македонски шуми”, како и комплетна ревизија на досегашните активности и истрага за случајот од страна на надлежното министерство. Се додека тоа не биде направено тие најавија дека нема да дозволат транспорт на камиони со огревно дрво низ селото, кој од четвртокот е во прекин.
–Секое утро излегуваат граѓани од населбата и стопираат било каков превоз на дрво. Така ќе биде се додека не дојдат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на увид и не дадат конктретни информации.-додава Реџоски.
Од МЗ Подгорци велат дека неконтролирана сеча во атарот на селото има со години. Од тоа профитираат поединци, додека локалното население нема никакви бенефиции при купување на огревно дрво, додаваат од Месната заедница. Оттаму стравуваат дека доколку продолжи интензивната сеча, покрај шумскиот фонд, може да биде загрозено и самото село кое се наоѓа на специфичен терен и токму шумата го штити од ерозија.
Г.М.