Девет одземени возачки дозволи, две приведени лица, пронајдени три ножа и помала количина опојна дрога Марихуана, е епилогот од интензивните акциски контроли, што СВР Охрид ги спроведе изминатиов викенд низ сообраќајниците и угостителски објекти во градот. Поради управување  под дејство на алкохол, сообраќајната полиција, одзеде девет дозволи и од сообраќај, исклучи девет возачи на патнички моторни возила.

Во два угостителски објекти, кај три лица-наркозависници и сторители на други кривични дела, пронајдени се вкупно три ножа и помала количина Марихуана, сокриени во џебот од пантолоните. Инаку, со засилените акциски контроли и мерки, викендов, покрај Охрид,  беа опфатени и Струга, Кичево и Дебар. 

-Согласно законските овластувања, полициските службеници, викендов, вршеа, легитимирање и преглед на лица, работеа согласно законите за забрана за точење на алкохол на малолетници, законот за јавна чистота, како и по другите законски одредби, информираше Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.

Тој нагласи дека согласно, предвидените активности , полициските службеници ќе бидат поредовно присутни во, и околу угостителските објекти како и низ градските сообраќајници, со цел превентивно да делуваат во насока на намалување и елиминирање на нарушувањата во ноќните клубови и почитување на сообраќајните правила и прописи од сите учесници.
 
-Ова е една од превентивните активности, што постојано ќе биде спроведувана во наредниот период со која ја покажуваме нашата цврста определба, да придонесеме во подигнувањето на степенот на безбеносната култура кај граѓаните, но и да покажеме доследност во спроведувањето на полициските овластувања. На тој начин, имајќи ја во предвид претстојната туристичка сезона, ќе придонесеме во постигнувањето на подобра безбедносна состојба во Охрид, но, и на целото подрачје што го покрива СВР Охрид, појасни Димоски.

OhridNews