Интензивно се работи на воведување на електронско плаќање на данокот на имот и комунална такса во контекс на дигитализацијата на услугите во Охрид. Во градот веќе извесно време може да се плаќаат сметките кон јавните претпријатија по електронски пат, велат од Општина Охрид.

Дополнително ќе се воведе и електронска достава на решенијата за комунална такса. Со воведување на овие две новости, значително ќе се подобри функционалноста на даночното одделение и одделението за комунални такси, а дополнително ќе им се олесни функционирањето на граѓаните, информираат од Општина Охрид.

Процесот на дигитализација на општините во државава ќе се одвива на три нивоа врз основа на различниот степен на нивната развиеност, информираа претходно од Министерството за локална самоуправа.  Процесот ќе биде реализиран заедно со Министерството за информатичко општество и администрација како надлежно за дигитализацијата.

Имено, министерството заедно со УНДП е во процес на изработка на проект со кој ќе се скенира која општина до кое ниво е стигната со дигитализација, за да се мапираат пречките и проблемите во процесот.

 

К.А.