Од 15-ти до 18-ти јуни, во Охрид и Скопје, по деветти пат ќе се одржи Францускиот филмски фестивал. Како што информираат организаторите, фестивалот ќе понуди квалитетна филмска програма инспирирана од филмови кои обработуваат актуелни тематики и реномирани гости на фестивалот. Свеченото отворање ќе се одржи  во 20.30 часот во кино „Милениум“ со филмот „Патот за Истанбул“, во режија на Рашид Бушареб. Во рамки на фестивалските денови во Скопје ќе се прикажуваат и филмовите „Утре“, „Фатима“, „ Лето“, „Ни на небо, ни на земја“.

Фестивалскиот дел во Охрид, ќе се одржи во четврток  и петок, 16-ти и 17-ти јуни. Во четврток, со почеток во 20.30 часот љубителите на филмската уметност ќе можат да го проследат филмот „Каприс“  во режија на Емануел Муре. Во петок, охридската публика ќе може да го проследи филмот „Три срца“ во режија на Беноа Жако.

Во сабота, 18- ти јуни, во рамки на фестивалот во Охрид ќе има специјална вечер, кога ќе се прикажува филмот  „Судија“, во режија на Кристијан Венсан. Фестивалот ќе биде затворен со доделување на наградата Цезар 2016 за најдобра актерка во споредна улога која ќе и се додели на Сидс Бабет Книдсен. Почесен гостин ќе биде режисерот Кристијан Венсан.

OhridNews