– На одделението веќе нема слободен болнички кревет. Освен што е голем бројот на интервенции кои се вршат во денот, голем е бројот и на хоспитализирани пациенти од 4- 6 во денот. Најголемиот број пациенти се хронично болни со срцеви заболувања, аритмии, белодробни заболувања, покачен крвен притисок, вели д- р Сашо Василески од Интерното одделение при охридската Општа болница.
Состојбата на хронично заболените дополнително ја влошува и појавата на сезонскиот грип кој деновиве е во пораст. Затоа, вели д- р Василески, од наша страна секоја година се апелира да се врши вакцинирање против сезонски грип, но за жал само дел од хронично заболените пациенти тоа го прават.
Бројот пак на интервенции во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологиија Св. Еразмо не е зголемен . За разлика од останатите градови каде голем број граѓани поради мразот се здобиле со скршеници, тоа не е случај и во Охрид.
– За тоа сметаме дека допринесе навременото чистење на тротоарите од снегот, но и тоа што во Охрид не се толку ниски температурите и интензивни врнежите од снег. Бројот на пациенти кои се обраќаат кај нас за интервенции е во рамки на нормалата, вели директорот на болницата д- р Митко Тилески.
Според најавите на синоптичарите, студеното време ќе продолжи до крајот на месецов. На хронично болните им се советува доколку немаат потреба да не излегуваат од дома и навреме да ги примаат препишаните терапии од страна на нивните лекари.