Охрид Мол – новиот трговски центар во Охрид ќе ги отвори вратите за посетителите на 28-ми мај 2025 година. Со површина од над 17.000 м2 и внимателно одбрани содржини усогласени со потребите на потрошувачите, Охрид Мол ветува дека ќе го редефинира концептот за пазарување. За oживувањето на визијата за проектот, како и за тоа што може да очекуваме од оваа идна дестинација, зборуваме со Марија Филева, извршен директор на Охрид Мол.

Марија Филева – Извршен директор на Охрид Мол

ОN: Што може да очекуваат посетителите на Охрид Мол и кои сè содржини ќе ги има трговскиот центар?

М. Филева: Се погриживме да вклучиме како домашни, така и интернационални брендови кои за прв пат доаѓаат во Охрид и за кои очекуваме да има огромен интерес. Трговскиот центар ќе понуди динамична и енергична средина која нема да се ограничи единствено на пазарување, туку ќе вклучи и забавни и културни содржини и искуства, во кои ќе може да уживаат сите генерации.

Обезбедивме внимателно одбран диверзитет од глобално познати брендови, како и локални и регионални, веќе развиени брендови, за понуда со што поширок спектар на производи, услуги и преференци – инклузивен простор кој нуди по нешто за секого.

Дополнително, трговскиот центар ќе биде домаќин на настани, сезонски активности и културни програми, кои ќе создадат една жива и енергична дестинација која континуирано ќе се развива и веруваме ќе прерасне во омилено место за посетителите.

ОN: Охриѓани долго време го очекуваат отворањето на трговскиот центар. Кога се очекува официјалното отворање и дали може да споделите дел од имињата кои ќе бидат дел од Охрид Мол?

М. Филева: Отвoрањето на трговскиот центар ќе се случи на 28-ми мај 2025 година. Присутни ќе бидат добро познатите модни брендови “NewYorker” и “Sinsay” со продажна површина на две нивоа и опсежна палета на производи. За љубителите на спортската опрема, “D Sport” ќе понуди широк асортиман на спортска опрема од повеќебројни светски брендови и ќе биде најголемата спортска продавница во Охрид. Дел од трговскиот центар и со единствена локација во Охрид ќе биде и еден од најголемите ланци на дрогерии во Европа, “DM drogerie markt” кој со богатата понуда важи за едно од омилените места на македонските купувачи.

Во однос на забавните содржини, “Уно” – досега најголемата игротека во градот со површина од преку 1.300m2 и вклучен lounge бар, ќе обезбеди забавно и безбедно катче за семејствата и нивните најмали членови, со таргетирана група од 2-13 годишна возраст. Дополнително, забавните содржини ќе ги збогати и “Playpark”, добро познат турски бренд, кој ќе понуди интересни активности за децата од школска возраст, односно над 7 години.

Од областа на гастрономијата, “Nocciolino Lounge Bar”, сместен на една од најактрактивните позиции во трговскиот центар, ќе обезбеди место за релаксација за посетителите, нудејќи италијански вкусови на храна.

Меѓу останатите брендови кои ќе бидат застапени во трговскиот центар се и супермаркетот “Жито” – дел од познатиот македонски ланец на маркети, “Meга Фешн” – мултибренд аутлет на брендовите од групацијата Inditex – Zara, Massimo Dutti, Bershka и сл, “Office Plus”, “Duki Daso”, “Sara Fashion”, “Виа Фарм”, експозитура на Хaлк Банка, тобако продавница “La Familia”, парфимерија “Piano”, “IQOS”, “Umbrella”, авто перална “Уно”, продавница за домашни миленици, цвеќара, гифт шоп, мобилара и останати придружни сервисни услуги.

Со задоволство може да кажеме дека интересот беше огромен и речиси целиот тровски центар е веќе издаден. Го разбираме нетрпението на граѓаните за одложувањето на отворањето и драго ни e што успеавме да го реализираме овој проект, за што клучна улога имаше разбирањето и поддршката од градоначалникот и целата администрација.

ОN: Го најавувате Oхрид Mол како значајно дополнување во регионот. За колкав простор станува збор и која е инвестицијата позади истиот?

М. Филева: Охрид Мол е најголемиот трговски објект во регионот, протегајќи се на површина oд преку 17.000м2. Ова ни овозможи да вклучиме еден опсежен микс, со распоред дизајниран да создаде отворен и пријатен простор кој промовира лесна навигација и пристапност. Обезбедено е и доволно паркинг простор со над 250 паркинг места за непречен пристап за посетителите.

Трговскиот центар треба да послужи како уникатна дестинација за градот што ќе ги задоволи потребите не само на жителите на Охрид, туки и на посетителите од поширокиот регион. Се фокусиравме на креирање простор кој е функционален, инклузивен и атрактивен, одржлив модел кој ги балансира комерцијалните и искуствените аспекти на малопродажбата.

Се работи за инвестиција од значителен обем, која ја рефлектира амбицијата позади истата, нашата посветеност да создадеме центар за трговија и забава, што ќе има долгорочни придобивки за заедницата.

ОN: Како Охрид Мол ќе придонесе кон локалната економија и какво влијание ќе има врз тој дел на градот?

М. Филева: Трговскиот центар ќе има трансформативен ефект врз локалната економија. Се очекува да генерира над 200 нови работни места – како директно преку продажните и услужните дејности во истиот, така и индиректно преку логистиката, услугите и снабдувањето. Ќе обезбеди нови можности за локалното население и ќе помогне во поттикнување на економскиот раст во регионот.

Охрид Мол не е само комерцијален простор, тоа е катализатор за раст и модернизација на градот. Со привлекување на голем број посетители, како и туристи од соседните региони, трговскиот центар ќе стане значаен двигател на економската активност, придонесувајќи за заживување на овој дел од градот. Дополнително, значаен придонес кон атрактивноста на локацијата се очекува и од планираното доаѓање на маркетот LIDL.

Охрид Мол ќе биде стимул за инвестиции, охрабрувајќи ги бизнисите да се етаблираат во градот, што дополнително ќе го поттикне економскиот развој. Со интегрирањето на Охрид Мол во градскиот пејсаж, очекуваме да видиме развој и во другите сектори, како што се угостителство, транспортот и урбаниот развој.

ОN: Кои социјални и еколошки иницијативи се присутни во развојот на овој проект?

М. Филева: Како општествено одговорна компанија, вложувањето во доброто на општеството и околината во која што дејствуваме е важен дел од нашата корпоративна стратегија.

Охрид Мол ќе ја подобри градската инфраструктура и ќе обезбеди простор за културна размена, туризам и настани за заедницата, играјќи централна улога во идниот урбан развој на градот. Со нагласувањето на социјалната димензија, се надеваме дека ќе биде препознаен како динамичен и урбан центар, ќе стане симбол на напредокот на градот и ќе го подобри животот на заедницата.

Се фокусиравме и на еколошката одговорност и влијанието врз животната средина. Главната насока околу која се развиваше проектот беше неговата одржливост, не само како функционална целина, туку имајќи ја во предвид и неговата енергетска ефикасност, користејќи обновливи извори на енергија за да се минимизира влијанието врз животната средина.
Имплементирани се енергетски ефикасни системи за да се намали вкупната потрошувачка на енергија, како и еколошки материјали во секој можен аспект. Со изградба на објект кој е еколошки одговорен и енергетски ефикасен, целиме кон поставување на стандард за одржлив развој во регионот.

ОN: Maлопродажната сцена постојано се развива. Каква позиција би имал Охрид Мол во овој развој и како планирате да ја одржите неговата релевантност и напредок на долг рок?

М. Филева:Малопродажната сцена е динамична, со константно менување на преференците на потрошувачите и навиките за купување. За да останеме релевантни, посветени сме на континуирана иновација и адаптирање на овие промени. Ова значи редовно ажурирање на миксот на понуди кој ќе ги рефлектира тековните трендови, збогатување на разноликоста на настаните кои ќе привлечат различни возрасни групи и интереси, одговарање на потребите на локалната заедница, програми за лојалност и персонализирани искуства кои ќе го подобрат целокупното искуство и ќе остварат долгорочни односи со посетителите.

Верувам дека Охрид Мол ќе биде предводник во овој развој, создавајќи средина која го обединува најдоброто од локалните и меѓународните брендови и помагајќи му на градот да прерасне во подинамична, диверзна и модерна дестинација, и за жителите, и за туристите. Останувајќи приспособливи и креативни, нашата цел е да создадеме простор кој постојано ќе се развива и ќе остане составен дел од градското ткиво во годините што доаѓаат.

OhridNews