InРазјаснети се сите дилеми околу идната намена на новото болничко крило во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, откако министерот за здравство Филипче неодамна најави дека тој ќе биде целосно завршен и подготвен за работа до крајот на летото. И покрај дилемите присутни во јавноста, но и помеѓу лекарите, новиот болнички капацитет сепак ќе го користат заеднички специјалната болница „Св. Еразмо“ и Заводот за кардиологија „Св. Стефан“.
Новиот оперативен блок во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо предвидено е да го користи болницата, но исто така и дел од Заводот за кардиологија Охрид. Има нови оперативни сали за ортопедија и интервентна кардиологија. Со реконструкцијата, оваа болница ќе биде по сите европски стандарди, со овозможување поквалитетни здравствени услуги на пациентите и здравствените работници. – се вели во писмената информација што ја побара OhridNews од Министерството за здравставо.

Рокот за завршување е крајот на летото, месец септември, а ние сега веќе во овој период планираме започнување на постапка за опремување на болницата „Св. Еразмо“. – рече Филипче.
Како што појаснуваат надлежните, Заводот за кардиологија и натаму ќе продолжи да ги користи просториите во кои сега функционира во населбата Св. Стефан, со сите здравствени услуги кои ги обавува во моментот, како и опрема, каде посебен акцент е ставен на рехабилитацијата на пациентите. Можноста да се користат новите капацитети во „Св. Еразмо“, претставува и можност за проширување на дејноста на Заводот во други области од кардиологијата и воведување на нови процедури во лекувањето, информираат од здравствената установа.
OhridNews












