InРазјаснети се сите дилеми околу идната намена на новото болничко крило во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, откако министерот за здравство Филипче неодамна најави дека тој ќе биде целосно завршен и подготвен за работа до крајот на летото. И покрај дилемите присутни во јавноста, но и помеѓу лекарите, новиот болнички капацитет сепак ќе го користат заеднички специјалната болница „Св. Еразмо“ и Заводот за кардиологија „Св. Стефан“.

Новиот оперативен блок во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо предвидено е да го користи болницата, но исто така и дел од Заводот за кардиологија Охрид. Има нови оперативни сали за ортопедија и интервентна кардиологија. Со реконструкцијата, оваа болница ќе биде по сите европски стандарди, со овозможување поквалитетни здравствени услуги на пациентите и здравствените работници. – се вели во писмената информација што ја побара OhridNews од Министерството за здравставо.

Објектот е адаптиран на новите потреби и намената која ќе ја има, истакна неодамна министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека за време на изведбата била воочена потреба за одредени промени, со цел да се добие пофункционален објект, што било и направено. Паралелно отпочнат е и процесот за спроведување набавка на потребната опрема за двете болници.

Рокот за завршување е крајот на летото, месец септември, а ние сега веќе во овој период планираме започнување на постапка за опремување на болницата „Св. Еразмо“. – рече Филипче.

Како што појаснуваат надлежните, Заводот за кардиологија и натаму ќе продолжи да ги користи просториите во кои сега функционира во населбата Св. Стефан, со сите здравствени услуги кои ги обавува во моментот, како и опрема, каде посебен акцент е ставен на рехабилитацијата на пациентите. Можноста да се користат новите капацитети во „Св. Еразмо“, претставува и можност за проширување на дејноста на Заводот во други области од кардиологијата и воведување на нови процедури во лекувањето, информираат од здравствената установа.

 OhridNews