„Политиката понекогаш ја доживувам како мајонез, одлично вкусен но опасен по здравје, но се’ уште во мене постои жичка на инфицираност од политика и сум непоправлив оптимист дека работите се подобруваат. Доколку само пред неколку години тешко можевте да го изразите сопственото мислење, денес го имате интернетот како совршено средство за комуникација со граѓаните, кои се помалку се плашат да го кажат тоа што го мислат“. Вака размислува новиот претседател на општинската организација на Либералдемократската партија во Охрид, Дејан Блажески, кој е оптимист дека граѓаните се подготвени за промени кои ќе го разбијат политичкото сивило во кое живее Македонија со години. Овој триесет годишен магистер по економски науки во своето прво интервју за охридски медиум по изборот на новата функција, говори за изборното собрание на партијата, за актуелната политичка состојба во градот и целите на ЛДП.

OhridNews: Минатиот петок се одржа изборно Собрание на општинската организација на кое како единствен кандидат бевте избран за претседател на охридскиот огранок. Како мина изборот на новите тела и органи на ЛДП – Охрид?

Дејан Блажески: Собранието мина во демократска атмосфера. Иако во предвидениот рок согласно статутот беше пристигната само една кандидатура за претседател, мојата, се дозволи на самото Собрание да се предложат и други кандидати, што не се случи и јас со гласовите на 92 од вкупно поканети 100 делегати кои присуствуваа на собранието бев избран за претседател на ОО ЛДП Охрид. На 6-то изборно Собрание на општинската организација на ЛДП присуствуваше претседателот на партијата Андреј Жерновски, кој имаше свое обраќање, а согласно принципите на партијата тој потоа се повлече и не присуствуваше за време на гласањето со цел да се овозможи на делегатите без притисок да направат избор. Позитивно сум изненаден што во овие времиња без никаков притисок конференциската сала на хотел „Ројал“ беше преполна, што упатува на фактот дека на граѓаните на Охрид им е доста од принудна мобилизација и почнуваат да се појавуваат каде сакаат.

OhridNews: Кои ќе бидат насоките на делување на новиот претседател на општинската организација на ЛДП?

Дејан Блажески: Прв приоритет на ЛДП е граѓанинот и неговите интереси. Нашата борба ќе биде за демократија, за подобро утре и подобра економска перспектива. На Охрид му треба развој не само на туризмот, туку и на целокупното стопанство воопшто и ние ќе се залагаме за подобрување на стандардот на граѓанините.

OhridNews: Како планирате да ги остварите вашите цели со оглед дека ЛДП е вонпарламентарна партија и не е застапена во градскиот Совет?

Дејан Блажески: Се чувствува дека без ЛДП нивото на дискусија во Собранието на РМ е многу пинакво. Ние имавме претеници кои одлично ги застапуваа интересите на граѓаните. За жал сега сме надвор од Парламентот, но секојдневно остваруваме средби со граѓаните, а се засилува и дејствувањето на општинските организации кои по периодот на коалицирање сега се консолидираат и јакнат. Граѓанинот ни е приоритет, а ние се бориме да ги актуелизираме и да понудиме решение за проблемите кои го мачат македонскиот граѓанин.

OhridNews: Претстојат Локални избори, како ќе дејствувате?

Дејан Блажески: Ние по неуспехот на Парламентарните избори сфативме дека најпрвин треба да се преиспитаме себе си и да поработиме на отстранување на сопствените грешки. Работиме интензивно на консолидирање на членството кое ќе се стреми Македонија да ја направиме попристојно место за живеење. Целта ни е да се вратиме во институциите, односно во Советот и таму да се бориме за интересите на граѓаните. Индивидуализмот е типичен за ЛДП, полека го напуштаме колективното размислување, а насоките во многу ќе зависат и од изборниот модел кој сега е погубен за условно кажано помалите партии.

OnridNews: Дали и натаму останувате на ставот за самостоен изборен настап?

Дејан Блажески: Граѓаните ја препознаваат искреноста на ЛДП. Сепак сметам дека е некоректно сега да се зборува за коалиции незнаејќи  како ќе се одвива политичката ситуација. Но, ако приоритетна задача ви е граѓанинот, тогаш максимално партијата ќе ги искористи сите можности за влегување во институциите на системот каде се води политичката борба. Сметам дека ние сериозно се наметнуваме како трета опција во која што веруваат граѓаните, а доколклу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се сложат да се промени изборниот модел, тогаш ќе може и пореално да ги мериме силите.

OhridNews: Како ја оценувате актуелната политичка ситуација во Охрид?

Дејан Блажески: Јас и во една од моите колумни напишав дека Охрид е колатерална штета генерално на сите политичари. Досега Охрид требаше веќе да претставува сериозна туристичка дестинација, а граѓаните да живеат подостоинствено. Мислам дека тие се веќе изморени од дневна политика и од луѓе од кои што немаат никаква корист. Има поединци кои се трудат да ги променат работите, а секако и ние како Либерално демократска партија се регрутиравме и стоиме на располагање да ги застапуваме интересите на граѓаните. Понекогаш постојат нефер правила на игра, но ние ќе се трудиме да ги исполниме нашите цели, за што верувам и ќе добиеме поддршка од граѓаните на Охрид.

OhridNews: Кои ќе бидат приоритетите?

Дејан Блажески: Првенствено мора да одлучиме што сакаме да биде Охрид. Дали од овој град ќе правиме смешна туристичка дестинација, или ќе почнеме сериозно да работиме Охрид да биде дестинација за елитен туризам. За жал Охрид е во менгеме помеѓу централната власт на ВМРО ДПМНЕ и локалната самоуправа и  градоначалникот кој е од редовите на СДСМ. Впечаток е дека понекогаш тие преземаат одредени чекори кои не се во интерес на граѓаните туку се во функција на остварување одредени политички цели.

OhridNews: Кој е реалниот капацитет на ЛДП во Охрид и како ќе се борите за промените кои ги најавувате?

Дејан Блажески: Веќе ни пристапуваат граѓани. И медиумски деновиве ЛДП крева прашина, што значи дека е присутна на локалната сцена. Се шпекулира во јавноста со бројки и членови, но не би сакал да навлегувам во една таква игра, затоа што ние имаме јасни цели и капацитет да ги реализираме истите. Она што би сакал да го истакнам дека ЛДП во Охрид се консолидира. Новиот тим се состои од млади кадри како и од партиски ветерани, чие искуство многу ќе ни помогне. Комуникацијата и внатре партсикста демократија се на високо ниво, нема лактање и подметнување, туку сите заеднички работиме на зацртаните цели, кои сум убеден дека ќе ги оствариме во интерес на граѓаните на Охрид кои заслужуваат многу повеќе.

OhridNews