Охриѓанецот Васил Ристески од Социјалдемократската унија, е вториот од петте кандидати кои на 24-ти март ќе ја бараат довербата од граѓаните за градоначалничката функција. Ристески со своето искуство и бројни ангажмани како дипломиран правник за безбедност, магистер на социлошки науки и обучувач на медијатори, ветува дека на охриѓани ќе им ја врати насмевката на лицата.

OhridNews: Што е она ве мотивира да зачекорите во политичките води и да се кандидирате за градоначалничката функија?

В.Р.: Она што ме мотивира е пред се актуелната состојба во градот. Со оглед на тоа што се локални избори, се работи исклучиво за потреба од способен човек кој може да го менаџира градот. Охрид треба да биде урбано место за живеење,  бидејќи моментално е завиен во сивило. Во песните е само бисер, а дефакто е катастрофален. Граѓаните имаат еден степен на разочараност и безнадежност до анксиозност, што предизвикува миграција на младите.

OhridNews: На што сте особено горд од досега постигнатото на професионален план? Конкретно што се крие зад вашето лично портфолио и какво е вашето искуство во политиката?

В.Р.: Во сферата на образованието сум експерт за општество, односно веќе 15 години сум м-р на социјални работи. Имам големо животно искуство во сферата на политиката, бизнисот и работно ангажирање во јавни институции претежно по струката. Покрај ова, јас сум медијатор и обучувач на медијатори со највисокиот сертификат  во светот издаден од УНИЦЕФ . Исто така сум регионал кооординатор на медијатори на Македонија. Кога сме кај политиката, ангажиран сум од 14 годишна возраст со основањето на Младинска организација во населбата „15-ти корпус“. Бев член на младината на Охрид, а подоцна како инспектор во полиција во Синдикатот и младината во СВР-Охрид. Од 85-та до 90-та бев делегат во  Советот на општина Охрид. Како резултат на мојата активност, бев предложен и избран за претседател на собранието во општината.

OhridNews: Колку слободно време одвојувате во текот на денот и кои се вашите лични достигнувања на приватен план? Кое е вашето хоби и што е она што ве исполнува надвор од работните обврски?

В.Р.: Воглавно преку целиот ден сум ангажиран. Јас сум поранешен спортист. Бев втор во веслање-двоец во Југославија, а прв во земјава. Исто така, бев кореограф на фолклорни друштва, како што е белградското „Бранко Крчамовиќ“ кое е на ранг на нашиот „Танец“. Имам практикувано доста боречки вештини, како џиуџицу, теквондо и аикидо. Повеќе преферирам да слушам добра народна музика и да посетувам културни настани од тој тип. Претежно гледам добри исторсики филмови или документарец кој врши позитивна едукација на младите во било која сфера на науката. Во слободно време обично читам стручна литература, а ја следам правната наука која мора континуирано да се чита.

OhridNews: Што можат да очекуваат охриѓани од вас. Дали имате замислено конкретна визија во вашата програма, од која полза ќе имаат сите граѓани?

В.Р.: Граѓаните ќе осетат промени во градот, особено вработените во локалната администрација и јавните претпријатија. Граѓаните ќе бидат услужвани во најкратот можен рок.  Проектот вклучен во програмата, ќе биде отворен за сите граѓани од сите реони во градот. Тие ќе имаат можност да ги кажат сите свои идеи, а се што е прифатиливо од аспект на законската регулатива и можностите, по приоритет ќе бидат имплементирани. Веднаш штом го составам тимот, ќе се почне хронолошки решавање на тие работи.

OhridNews: Дали во програмата се вметнати капитални проекти од суштинско значење за градот и земјата?

В.Р.: Сакам да го видам споен коридорот 8 и 10, односно од Гостивар преку Кичево до Охрид, па преку Битола до Кавадарци. Тој автопат и железничка пруга значат заживување на пола Македонија. Без добар пат, не можат да се развиваат ниту туризамот, ниту стопанството. Веднаш ќе побарам  разбирање и соработка со сите градоначалници од овој регион. Исто така, градоначалникот за доброто на градот и граѓаните мора да соработува со било која Влада, за реализирање на проектите. Пазарот и автобуската ќе бидат пример за земјава. Преку новите објекти и фирми кои ќе се изградат кај авотбуската, ќе се добијат нови вработувања. До автобуската ќе има уште еден пазар, со тоа што ќе се диструбира гужвата во градот.  На еден начин, граѓаните сами ќе се вработуваат, а јас само ќе создадам услови.

OhridNews: Од бројните проекти кои се вметнати во Вашата програма, кој би го издвоиле како уникатен?

В.Р.: Тоа е проектот „Мала Охридска Венеција“. Од каналот према градскиот парк, сето тоа е блато. Наместо да размислиме што може да се искористи од него, ние го сушиме. Мојата идеа  да се направат водни канали од каналот до паркот, а на средината да има острово. Тоа ќе добие облик на 16 крако сонце. Сите тие ќе бидат споени со езерото преку каналот,а по нив ќе може да се плови исклучиво со чамци без мотор. На сите тие краци, малостопанствениците ќе имаат можности да си отворат дуќани. Така ќе имаме преку 100 нови објекти и бројни вработувања. Тоа ќе биде глетка која ќе ја нема во светот. Да не зборуваме каков лик ќе добие за привлекување на туристите.

OhridNews: Која е вашата порака до охриѓани и кое е мотото со кое излегувате во трката за градоначалничкото место?

В.Р.: Чувствувам  голема енергија и волја за да направам нешто за Охрид. Ќе се посветам 24 часа за градот. Мојот тим ќе ги запрегне ракавиците додека не се оправи работата. Нема да има никакви прослави, ниту забави до првите резултати. Кога ќе успеам да ги вратам луѓето во чаршијата повторно насмеани тогаш ќе имаме повод за славење.

O.T.