Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите…

Лејла Гогова, менаџер по туризам, управител во модно дизајнерското студио „Вестмар“, познато ТВ лице, некогаш препознатлив глас во охридското Супер Радио и најслушаното УНО Форте, водител на бројни културни манифестации, академии и конгреси, сопруга, мајка на две деца, открива како го поминува слободното време, што ја прави среќна, зборува за бројните патувања со семејството, за моментите од животот кои никогаш нема да ги заборави…

OhridNews: Како вообичаено ти започнува денот?

Л. Г.: Утрата ми започнуваат со музика и кафе кое го подготвува мојот сопруг кој е ранобудник. Првата секојдневна утринска обврска ми е краткото пешачење со нашето куче – малтезер Баки, после кое започнува работниот ден во модното дизајнерско студио „Вестмар“, соочувањето со обврските и средбите со клиентите. Во вторник и среда, по завршувањето на работниот ден во „Вестмар“, во 17 часот сум во студиото на Телевизија ТВМ во улога на презентер на дневникот.

OhridNews: Викендите најчесто ги користам…

Л. Г.: Комбинирано. Покрај за семејството и домашните обврски, задолжително одвојувам време за спортска активност или рекреација во зависност од временските услови, кафе и дружење со пријателите.


На планината Јабланица

OhridNews: Беше дел и од тимот на некогашното УНО Форте радио. Како започна оваа приказна?

Л. Г.: Уно Форте Радио е една од моите омилени животни приказни и редовно ми буди убави спомени и насмевка пропратена со чувство на носталгија. Приказната започна еден убав мајски ден, во далечната 1994 година, кога Ванчо Јованоски, главниот и одговорен уредник на радиото, ме праша дали сакам да бидам дел од тимот на Уно Форте. Останатото е историја, исполнета со многу љубов и младешки ентузијазам. Во нашето студио со прозорец, секое утро во 8 часот го поздравуваме Охрид со истоимената утринска емисија исполнета со интересни содржини, гости и многу добра музика, поради што во тој период, беше најслушаното градско музичко радио. Во Уно Форте Радио се родија многу пријателства и љубови од кои некои траат до денес. Нашата соба со високи тавани и прозорец кој гледа на плоштадот, крие многу спомени за едно безгрижно време кога повеќе се дружевме и почесто искрено се смеевме.


Незаборавните денови во УНО Форте радио

OhridNews: Што е она што и понатаму те влече во презентерските води и водителството?

Л. Г.: Кога бев мала, често пати застанував пред огледало држејќи лист од тетратка во рацете и многу сериозно читав вести, како што тоа го правеа спикерките на телевизија. Искрено, не очекував дека ќе дојде денот кога навистина ќе застанам пред камера, но среќна сум што се случи, бидејќи го работам со леснотија тоа што ме исполнува. Контактот со публиката при настапите во живо е она што најмногу ми значи и веројатно ќе ми недостасува некогаш…Но сеуште е рано за тоа 🙂


Со претседателот Ѓорѓе Иванов на отварање на „Охридско лето“

OhridNews: Колку ги прифаќаш и следиш модните трендови? Омилени креатори?

Л. Г.: Со оглед дека веќе 15 години работам во модна куќа, неизбежно ги пратам модните трендови што не значи дека истите ги прифаќам и практикувам лично по секоја цена. Напротив, многу често ги прескокнувам. Најважно ми е да се чувствувам удобно и убаво во тоа што го носам, затоа најчесто сум облечена во сопствени креации изработени во „Вестмар“. Стилот на облекување е само еден елемент од идентитетот на личноста. Според тоа, скапите модни дизајнерски парчиња и следењето на модните трендови не се пресудни, бидејќи ние треба да ја носиме облеката, а не таа нас. Мојот стил е минималистички, со здив на романтизам, по потреба елегантен, но секогаш одмерен и примерен. Истото се однесува и на шминката која ја користам само за Тв и настапи. Преферирам природен и негуван изглед, а не драстично менување на личниот опис.

Омилени креатори во моментов ми се Albert Elbaz за Celine, Thomas Meyer за Bottega Venetta и Francisco Costa за Calvin Klein. И се разбира креаторот со кој се гордеам, нашиот охриѓанец Ристо, кој во моментов е дизајнер за Margiela, каде што креативен директор е John Galiano.

OhridNews: Која музика највеќе те релаксира? Што најчесто слушаш?

Л. Г.: Благодарение на татко ми, пораснав со плочите и музиката на најголемите светски музички легенди, а на мајка ми пак, завршив основно музичко училиште, отсек пијано и ја засакав класичната музика. Припаѓам на привилегираната генерација која растеше и живееше со југословенската поп рок сцена на која мега популарните бендови свиреа квалитетна музика од различни жанрови која и ден денес се слуша. Музиката е константно присутна во мојот живот, па така, во зависност од расположението, слушам се – од рок до стари шлагери и класика, освен турбо фолк. Сепак најмногу уживам кога ги слушам моите деца, Марио на гитара и Ирма како пее, зад затворена врата 🙂

OhridNews: Го сакаш пешачењето, возењето велосипед, скијањето, планинарењето… Што повеќе те исполнува?

Л. Г.: Отсекогаш сум била физички активна. Го сакам спортот, но не и да се врзувам за форма и термин. Го практикувам она што во даден момент најмногу ми годи и ме релаксира, па веројатно затоа и ги комбинирам пешачењето, велосипедот, планинарењето, скијањето и на лето пливањето. Го сакам мојот Охрид и со овие активности можам да ја откривам и да уживам во совршената раскошна убавина на природата што ме опкружува.

OhridNews: Колку често патуваш? Кои посетени дестинации би ги издвоила и зошто?

Л. Г.: Сакам да патувам. Најубави ми се патувањата со семејството. Најчесто заедно ги поминуваме летните и зимските одмори, а со сопругот и понекогаш со пријателите ги користиме викендите и празниците за пократки патувања. Од секоја посетена дестинација се враќаме со многу слики, видео записи и убави спомени. Егејските острови, јадранското приморје, европските градови, сите имаат своја приказна. Би го издвоила патувањето до Анталија- Турција кое беше вистински предизвик, особено за децата. Сакајќи да посетиме што повеќе интересни места пред да се стационираме во хотелот во Кемер, наместо со авион, тргнавме со автомобил на прилично долга рута која за среќа добро се заврши, а ние сепак покрај другите, ги посетивме Дарданелите, Троја, Памуккале и Ефес.


Од патувањата во Белгија и Крф

OhridNews: Моменти од животот кои никогаш нема да ги заборавиш….

Л. Г.: Живото е сплет на убави и помалку убави, тажни и болни моменти. Паметам од сите по нешто, но никогаш не го заборавам најубавото и за мене најважното.
Никогаш нема да го заборавам септемвриското утро кога се роди Марио и априлската ноќ кога ја добивме Ирма. Нема да ги заборавам сите убави моменти поминати со нив, бидејќи се извор на мојата среќа.


Со синот Марио и ќерката Ирма

OhridNews: Најпријатно изненадување од страна на сопругот кое ќе го паметиш уште долго?

Л. Г.: Марино е романтичен и често знае да ме изненади и без повод. За моја голема среќа, тој едноставно умее и малите мигови да ги направи големи. Паметам многу негови изненадувања, но ете, најсвежо е патувањето во Барселона, кое го добив како роденденски подарок. За да биде уште поголемо, организирал и посета на Фигуерес, родното место на Салвадор Дали, каде што се наоѓа неговиот музеј, а потоа и во Портљигат, куќата во која живеел и творел. Навистина незаборавно изненадување …


Со сопругот Марино при посетата на Шпанија

OhridNews: Среќна сум кога…

Л. Г.: Кога можам да помогнам некому. Кога се дружам со убави (во душа), паметни и духовити луѓе од кои можам нешто да научам. Кога слушам и читам за добри дела кои ми ја враќаат вербата во човекот. Кога доброто го победува лошото, а здравјето болеста. Најсреќна сум кога сите кои ги сакам и кои ми значат во животот се живи, здрави, среќни и задоволни.

OhridNews: Колку се чести дружењата со пријателите? Дали се наоѓа време за вечерни излегувања?

Л. Г.: Имам многу добри и вистински долгогодишни пријатели. Со некои се гледам почесто, со некои поретко, но тоа не ја менува блискоста. Не можам да се пофалам дека сум организатор, за тоа е задолжен Марино, но ретко одбивам дружење доколку сум поканета. Откако децата ни пораснаа зачестија и вечерните излегувања. Дали на свирка во кафуле или во домашен амбиент, со и без посебен повод, со убаво друштво, секогаш одлично се забавуваме.


Со пријателите во „Куба Либре“

OhridNews: Ги сакаш животните и секогаш си во нивна заштита. Кое е твоето мислење, дали свеста на граѓаните во однос на заштитата и згрижувањето на животните се менува во позитивна насока или не?

Л.Г.: За жал, колку и да сум оптимист по ова прашање, секојдневието ме убедува во спротивното. Верувам сепак, дека со малку добра воља, локалната може да им  помогне на активистите кои се борат за заштита на животните да се реши конкретно проблемот со кучињата скитници. Чаре секако има, треба само да се имплементира. Труењето никако не е опција бидејќи е сурово, болно и крајно нехумано.

Тања Кувенџиска