Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите…

Никола Тодороски, професионален актер во охридскиот Народен театар, познат стендап комичар кој зад себе има реализирано бројни успешни настапи во Македонија, Балканот и Европа, член на првиот клуб за стендап комедија на Балканот, добитник на престижната награда „Најдобар машки стендап комичар за 2013 година“ на првата интернационална манифестација Stand up Adria Awards 2014, открива како го минува слободното време, како се справува со „улогата“ на татко, кое е неговото омилено хоби…

OhridNews: Омилен начин да се помине слободниот викенд?

Н. Т.: Слободен викенд во периодот на театарската сезона од септември до јануари и од февруари до јули за мене е научна фантастика. Сепак кога ќе успеам да скубнам ден или два, времето сакам да го искористам со одење на планина или посета на некое место каде што не сум бил досега. Прошетки во природа за мене се секогаш одличен начин на рекреација и релаксирање.

OhridNews: Која беше првата изиграна улога на „даските кои живот значат“?

Н. Т.: Ах тој термин „штиците што живот значат“… Првата улога ми беше Спиридон во претставата „Чорбаџи Теодос“ која ја работевме во рамки на драмската секција при основното училиште „Григор Прличев“ во 1998 година. Интересно е да се каже дека тогаш заедно со мојот колега Стрезо не сакаа да не примат во секцијата, затоа што не сме учествувале во литературната секција. Но, после со препорака на друг наставник, не примија. Ете работите не се смениле многу од тогаш до сега. За се треба препорака.

OhridNews: Познат си и признат стендап комичар. Што е пресудно за да се има успешен стендап настап?

Н. Т.: За добар настап треба да се напише добар матријал, многу работа, нормално треба талент, треба да се експериментира, треба многу храброст, но најмногу од се треба да го сакаш стендапот. Тоа е тешка професија и ако не ја сакаш е невозможно да се работи. Затоа во Македонија и нема многу стендап комичари. Нормално дека тајната на успехот јас ја имам и си ја чувам под креветот. Ми ја даде случаен патник од Сао Томе и Принципе во замена за една вечер смештај. Ама не можам да ја споделам сега зошто конкуренцијата ќе ме уништи.

OhridNews: Омилен светски Стендап комичар ….

Н. Т.: Имам повеќе омилени, но би ги издвоил Џорџ Карлин и Робин Вилијамс. Сатиричниот поглед кон општеството на Карлин и начинот на изведба на материјалот и ликовите на Робин Вилијамс е нешто што многу ме инспирира.

OhridNews: Изгледана претстава во земјава или странство која особено те воодушевила?

Н. Т.: Со оглед на професијата посебно додека бев студент гледав многу претстави. Сега ја користам секоја можност за истото. Една од претставите кои ми оставиле силен впечаток е претставата „Тесла Електрик Компани“ во режија на Томаш Пандур која ја гледав за време на фестивалот „Охридско Лето“. Многу силна претстава посветена на еден од ретките генијалци Никола Тесла.

OhridNews: Интересна или невообичаена случка од твоите гостувања во земјава или странство?

Н. Т.: Интересно е тоа што кај нас веќе ме препознаваат како стендап комичар и актер и луѓето се опуштаат во комуникацијата. На пример, кога одам во банка често велат- дај да му завршиме побрзо работа да не не спомне во неговите настапи. Многу ми е симпатично тоа.

OhridNews: Дали улогата на татко е навистина една од „најтешките кои си ги играл досега“, како што изјави на еден твој настап?

Н. Т.: Тоа е прекрасна улога. Тешка, но прекрасна. Се случува да се вратам доцна од турнеја со претстава или стендап и токму сум сакал да си легнам, син ми ќе се разбуди и тогаш the show must go on. Колку и да ти е тешко забораваш во моментот.

OhridNews: Твојата сопруга е исто така актер. Дали тоа е „плус или минус“?

Н. Т.: Специфично е. Ние не сме родители кои одат на работа од девет до пет. Можам да кажам дека многу сум среќен што сме во иста професија затоа што и двајцата имаме разбирање за тежината на нашата работа. Многу се поддржуваме. Не знам како ќе беше ако еден од нас беше правник.

OhridNews: Доколку тоа не е Охрид, кој друг град во светот би го избрал за живеење и зошто?

Н. Т.: Јас многу патувам и тоа е она што ме одржува во кондиција. Охрид е прекрасен за да се вратиш и да се одмориш од напорната работа со турнеи и претстави. Но, мене важен дел од мојата работа ми е публиката и јас сакам што повеќе луѓе да имаат прилика да го видат тоа што го работам. Би сакал да поминам извесно време во Њујорк. Имав прилика да одам во Лондон два пати, еднаш во Амстердам, редовно низ Балканот… Кога работиш во такви големи метрополи од светски калибар се променуваш како артист. Гужвата те челичи и те прави пофлексибилен истовремено.

OhridNews: Мала средина, безброј озборувања. Допираат ли до тебе, како реагираш на нив?

Н. Т.: Јас не се чувствувам како Ким Кардашијан за да сум главна ѕвезда во сопствените скандали. Луѓето сакале нејќеле си зборуваат, тоа е најевтин начин да се потроши скапоцено време.

OhridNews: На која храна тешко можеш да и одолееш?

Н. Т.: Многу сакам риба и морски плодови. Секаков вид на ориз. Веќе лиги ми потекоа.

OhridNews: Посетена земја која ти оставила особен впечаток и зошто?

Н. Т.: Веќе реков дека бев во Англија два пати. Можам да кажам дека многу е тешко и сурово да се живее во Лондон поготово ако не си добро ситуиран. Таму многу повеќе се чувствува механизмот на капиталистичкото општество кое не се грижи многу за поединецот. Од друга страна пак таму е играта, таму се случуваат работи во еден ден како што кај нас не се случуваат за педесет години.

OhridNews: Покрај бројните професионални и семејни обврски, колку останува време за спортување или некое хоби?

Н. Т.: Се трудам да најдам време. Не е секогаш лесно. Возам велосипед, одам на планина со пријатели кога имам време. На времето собирав поштенски марки и сватив дека тоа е прединамично за мене и дека физички ме исцрпува, затоа престанав. Сега се чувствувам одлично.

Т.Кувенџиска