Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат неизбришлива трага меѓу своите сограѓани, но и надвор од земјата. OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика со која се релаксираат, колку наоѓаат време за своите пријатели…

Професор Д-р Сашо Коруновски, долгогодишен Декан на Факултетот за туризам и угостителство, од неодамна и Ректор на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, открива дека и покрај обврските секогаш наоѓа време за семејството и пријателите, дека понекогаш сака и да зготви некој специјалитет, а не ретко знае и да организира пријатни изненадувања за својата сопруга.  

OhridNews: Како Ви започнува денот?

Проф. Коруновски: Денот ми започнува со утрински чај со сопругата, во динамична атмосфера на припреми за она што не очекува. Кафето некако доаѓа подоцна, со колегите на утринскиот состанок поврзан со работните задачи што не чекаат во текот на денот и неделата.


Со сопругата Мери во Истанбул

OhridNews: Функцијата декан, која до скоро ја извршувавте и сегашната – Ректор на универзитет бараат многу време и откажувања од приватниот живот. Колку Ви преостанува слободно време и како најчесто го поминувате?

Проф. Коруновски: Секоја функција се чини е товар на приватниот живот, па кај мене некако скалестото поместување напред од декан кон ректор значеше сознание на она што ме очекува и прилагодување на новите промени. Сепак, колку и да сте свесни за тоа, во реалноста воспоставувањето на балансот помеѓу јавната функција и приватниот живот е навистина тешко, а слободното време е еден од индикаторите колку сме успеале во тоа. Сепак, наоѓам време за фамилијата и пријателите и за оние активности и задоволства надвор од професионалниот ангажман.

OhridNews: Колку Ви значат пријателите, дали сметате дека ги имате „вистинските“ околу Вас, дали наоѓате време за нив?

Проф. Коруновски: Луѓето и меѓусебните врски што ги воспоставуваат во секојдневниот живот, ги прават пријателствата, оние краткотрајните или пак суштинските, а секое пријателство, како и многу нешта во животот, треба да се гради, зошто има подигања и падови, кризи и успеси. „Вистинските“ пријатели ќе ви простат на грешките што, природно некогаш ќе ги направите.


На гробот на последниот македонски крал Персеј во Италија

OhridNews: Живеењето во мал град за Вас е предност или …?

Проф. Коруновски: Штом сум избрал да живеам во мал град, а во кариерата сум имал можност тоа да го променам, тогаш предностите преовладуваат. Според мене, важноста на градот не се брои секогаш според бројот на жители, туку во тоа што им го нуди на жителите. Како и кај луѓето, и градовите треба да имаат „дух“, да зрачат со својата енергија и да ги модифицираат животите на луѓето.

OhridNews: Каква музика Ве релаксира?

Проф. Коруновски: Ја сакам музиката, а во многу случаи релаксирањето со некој вид на музика доаѓа некако интуитивно. Сепак, најчесто во мојата канцеларија во позадина се слуша “smooth jazz”, “new age”, а во домашни услови најслушани се Каролина, Оливер Драгојевиќ и етно-музика со модерни примеси.

OhridNews: Дали ги сакате патувањата? Кои од досега посетените дестинации Ви оставиле најголем впечаток?

Проф. Коруновски: Ми се чини дека нема човек кој не би сакал да патува. Кај мене патувањата се чести и поврзани со работата, но наоѓам време да се организирам и често патувам со фамилијата. И во двата случаи доживувањата се посебни, го надополнуваат и збогатуваат животното искуство. Што се однесува до дестинациите и нивната импресивност, ги има многу, секоја со своите квалитети, но кога човек ќе треба да избере, сепак тоа е Њујорк, Вавилон на модерниот свет.


Во Њујорк со ќерката Евгенија

OhridNews: Дали се случува пријатно да ја изненадите сопругата со некој романтичен гест?

Проф. Коруновски: Во динамиката на секојдневието, понесени од амбициите да одговориме на предизвиците на многубројните обврски, не треба да забораваме на сопатниците. Тука сме со „мали“ изненадувања да ги освежиме нашите чувства едни кон други. Се разбира дека се трудам, да, има такви пријатни изненадувања за мојата сопруга.

OhridNews: Од кого најлесно примате критика и од кого таа најчесто доаѓа?

Проф. Коруновски: Кога човек е изложен на критика, најпрво се чувствува повреден, но потоа, кога добро ќе размисли, сфаќа дека секоја критика има доза на поучност. Се трудам да ја извлечам пораката, а таа најдобро е кога ќе дојде од најблиските. Внимавам на критиките од моите деца затоа што тие се најискрени. На работа се трудам да сум отворен кон критиките и забелешките на тимот со кој работам, тоа ме држи на вистинскиот пат.


На дипломирањето на синот Стефан на ФИНКИ

OhridNews: Се случува да подготвите некое јадење или кујната е исклучиво „ привилегија“ на Вашата сопруга?

Проф. Коруновски: Ја сакам кујната и сакам да експериментирам и не ми претставува тешкотија да приготвам некое јадење за блиските, а ваквиот мој афинитет не gо кријам од пријателите. Така да во нашата кујна нема „привилегирани“ и отворен е просторот за работа.

OhridNews: Што повеќе Ве релаксира – добар филм или добра книга?

Проф. Коруновски: Повеќе ме релаксира добриот филм, комедија по можност, во секој случај ги избегнувам филмовите со класична шема, а ги сакам оние кои имаат сложена структура и во текот на целиот филм те држат „буден“. Што се однесува до добрата книга, целокупната преокупација е свртена кон стручната литература, тука наоѓам предизвик и задоволство.


Во Версај

OhridNews: Која е Вашата се уште неостварена желба?

Проф. Коруновски: По природа сум планер на краток и среден рок, па можеби затоа лично не се врзувам за некои премногу далечни визии и неостварени желби. Подалечната иднина им ја посветувам на моите деца, со акции денес и утре, кои ќе им го отворат вистинскиот пат во нивниот живот.

OhridNews: Најсреќниот и најтажниот момент во вашиот живот?

Проф. Коруновски: Задоволен сум што имало многу среќни моменти во мојот живот, а најсреќните се поврзани со раѓањето на нашите деца, едноставно нема зборови кои би ги опишале тие чувства. За жал, животот е циклус исполнет и со мигови кои носат тага, очај, беспомошност, кај мене тоа е поврзано со губењето на мојата мајка, оставајќи ме неподготвен за да се борам со загубата која е трајна.

OhridNews: Кое е Вашето животно мото кое им го пренесувате и на Вашите деца?

Проф. Коруновски: Моето искуство и визии, сублимирани во животни пораки кон моите деца се дека, балансот, рамнотежата, хармонијата не подразбираат монотонија, напротив тоа е непрекината борба тие вредности да се одржуваат во живот со сите изместувања кои тој ни ги носи. Што се однесува до моето работно мото, тоа е извлечено од нашето минато, поврзано со пораката дека животот ни е даден да делуваме, да оставаме траги кои ќе ги читаат идните генерации, затоа што на крајот сепак, ништо не е вечно, трае пократко или подолго, а тоа е релативно…

Тања Кувенџиска