Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат неизбришлива трага меѓу своите сограѓани. OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика со која се релаксираат, колку наоѓаат време за своите пријатели…

Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Центарот за јавно здравје, долгогодишен прв човек на општинскиот Црвен крст, иницијатор и организатор на бројни хуманитарни акции кои спасиле живот на голем број сограѓани вели дека Охрид е нераскинлив дел од неговиот живот.  

OhridNews: Бројни обврски и во Центарот за јавно здравје и во општинскиот Црвен крст. Останува ли слободно време и како го поминувате?

С. Точков: Искрено, многу малку, но тоа што останува и што може да се нарече слободно време, се обидувам да го поминам што поквалитетно и релаксирано. Секако, пред се тоа е време поминато со моето семејство, особено со ќерќите во разговори на најразлични теми соодветни и корисни за нивната возраст, а многу често и во заеднички прошетки со велосипед и спортски активности. Не пропуштам во слободното време да се опуштам и побегнам од реалноста читајќи интересна книга или гледајќи возбудлив филм.


Со семејството

OhridNews: Хоби за кое секогаш успевате да најдете време…

С. Точков: Ако хобито е поврзано со слободното време, она што го правиме кога ќе ни завршат професионалните работни обврски и ангажмани и ако хобито е она што не исполнува, во кое вистински уживаме, не прави среќни и ни овозможува да заборавиме на проблемите на работа, тогаш моето хоби е посветеноста на волонтерската хуманитарна работа во Црвениот крст. Нешто што навистина го креира и определува смисолот на мојот живот, ми го држи разумот чист и во добра кондиција, ми дава можност за јасен поглед и реална слика на живеењето, што дополнително ми влева поттик и сила да се остане понастрана и „неоштетен“ од секојдневните демагогии, популизам и полтикантства, присутни наоколу.


Во Рим

OhridNews: Земја која сте имале можност да ја посетите и во која секогаш повторно би се вратиле?

С. Точков: Од оние земји во кои сум бил, секако Холандија ми е на прво место како земја со огромни можности за професионално, културно и еколошки изградување на една личност, земја на слободи и остварување на соништата. земја на цвеќето, која со право ги носи суперлативите во скоро сите општествени области.

OhridNews: Незаборавни моменти од детството?

С. Точков: Велат дека иднината припаѓа на оние кои најдолго и најдалеку се сеќаваат на своето минато, а моето детство е мое минато на кое секогаш се сеќавам со насмевка на лицето и со воодушевеност. Времето на моето детство, како и на мојата генерација, навистина беше убаво, безгрижно, исполнето со квалитетно и искрено дружење, со чистота и високи морални вредности и со уживање во едноставни работи и радости кои ве прават среќен. Никогаш нема да ги заборавам игрите кои ги игравме со моите другари од мојата маала С’рјшче: котката-питката, џамија, бинек…, вечерните дружења покрај огон на брегот на езерото и печење на пченки или штотуку уловените ракови…, ноќните капења на С’рјшче и Ј’но…, меѓумаалските натпревари во фудбал во дворот на Св.Софија, Имарет, на полигонот после кои победникот добиваше боза и индијанки од слаткарницата кај Дилавер, на плоштадот…ех, тоа беа времиња…И уште нешто, остави белег од моето детство, нешто многу значајно за развојот на мојата личност и на целата генерација тоа е читањето книги, стрипови, романи…Растев со ликовите на Алан Форд, Блек Стена, Загор, Флеш Гордон, Рип Кирби…и ја стекнував навиката за читање, која до ден денес ја негувам…Почитувајќи ги спецификите и вредностите на сечие детство, жалам што новите, модерни генерации не се посветени на читањето, онака како во „нашето“ време.


Галичица 1976 година

OhridNews: Вашата сопруга не потекнува од Охрид. Како се запознавте?

С. Точков: Да, мојата сопруга е Словакиња. Се запознавме во Чехословачка во 1992 година (сегашна Чешка), токму во времето на превирањата во таа земја и „плишаната револуција“ која ги донесе и демократските промени во таа земја. Можеби има симболика во нашето запознавање кое се случи во земја од „источниот блок“, а во ресторан од „западниот блок“, Mc Donalds во Прага, за понатака да продолжи со брак и живот многу подалеку од овие цивилизации, на југ.

OhridNews: Сте имале можност да живеете во странска земја. Зошто сепак го одбравте Охрид?

С. Точков: Од една страна, обременет со сите случувања кои ги преживеавме во последниве 20 години и особено со денешницава која ја живееме, а од друга страна гледајќи го напредокот и квалитетот на животот на моите пријатели и другари кои живеат онаму од каде што јас се вратив, не би можел да дадам јасен и краток одговор…напротив и јас соочен со суровата охридска реалност, се почесто се борам со тоа прашање…ЗОШТО?! Но, веднаш го чувствувам Охрид како „работи“ во мене и ме потсетува дека е во мене, Охрид живее и дише во мене и јас во него и тоа е взаемна нераскинлива поврзаност, со длабок корен некаде на калето. Згора на тоа, љубовта кон Охрид и вклопеноста на моето семејство во него, е причина повеќе да заклучам дека и мојата иднина ќе биде врзана со и во Охрид, и проткаена со надеж и желба дека убавините кои ги дала природата, ќе останат убавини и за наредните поколенија, дека ќе можеме да се пофалиме и гордееме со квалитетен и достоинствен живот и вистински човекови вредности, кои, патем, некогаш биле доминантни, а сега, за жал се гушат во енормниот наплив на помодарство и примитивизам.


Во Рим со колегите од Црвен крст

OhridNews: Вашиот татко беше познат лекар, а и вашата професија е поврзана со медицината. Дали вашите деца покажуваат интерес за оваа професија?

С. Точков: Да, во моето семејство медицината била присутна во текот на мојот живот…но навистина не сум почувствувал опседнатост ниту притисок од моите родители на мене или мојот брат да се бавиме со таа професија, ниту пак јас инсистирам моите деца да влегуваат во тие води. Оставам самите да ги пронајдат и почувствуваат во себе вистинските афинитети и љубов кон професија со која ќе се занимаваат во својот живот. Мојата поголема ќерка веќе студира на филолошкиот факултет, а помалата, барем засега не покажува посебни афинитети кон медицината. Но, сите сме горди на мојот брат, што продолжи по стапките на мојот татко и сега како лекар и врвен анестезиолог работи во Клиничкиот центар во Љубљана, Словенија.


Со братот Горан

OhridNews: Зимски одмор и планина или летен и плажа?

С. Точков: Уживам и во двете, но да бидам искрен, зимскиот одмор и скијањето ми е пасија и посебно задоволство. Тоа, веројатно влече корени од детството кога од училиште, редовно, секоја зима, организирано не носеа на зимски распуст на Галичица, во бараките на „електрично“ или феријални каде и  научив да скијам и да уживам во планинските убавини. За жал денес сме сведоци, колку оттогаш сме „напредувале“ во овој поглед. Но скијањето се обидувам да не го проппуштам, па секоја зима со мојот брат се организираме и заеднички се посветуваме на скијањето во некој зимски скијачки центар.

OhridNews: Што повеќе Ве релаксира- добар филм или добра книга? Омилен македонски филм?

С. Точков: Книгата е мојот опиум за опуштеност и ја користам секоја можност да извлечам некој добар наслов од мојата богата домашна библиотека и се препуштам на читањето. Ме релаксира и гледање на добар филм-трилер, драма, во друштво со моите ќерки. Македонски филм кој сум го гледал многу пати и повторно можам да го гледам е „Викенд на мртовци“.

OhridNews: Омилено место во Охрид за кафе со колегите или пријателите?

С. Точков: Немам некое посебно и стално место каде излегувам со пријателите, но практикувам со моите пријатели прошетки низ стариот дел на Охрид или по кејот и одмор со пијалок во некој од крајезерските локали.


Со пријателите во Канео 

OhridNews: Дел сте од голем број хуманитарни активности. Колку охриѓани се хумани?

С. Точков: Секој човек во себе го носи чувството на хуманост. Кога, во која мерка и на кој начин ќе ја изрази хуманоста е индивидуално и различно и меѓу другото, зависи од поттикот кој го „побудил“ тоа чувство за хуманост. Хуманитарните акции кои ги организираме во рамки на Црвен крст Охрид имаат задоволителен одзив од охриѓани, но секогаш може и повеќе и подобро.

OhridNews: Исклучиво македонска традиционална храна или…..

С. Точков: Ја почитувам, негувам и практикувам македонскота традиционална храна, особено некои старински специјалитети кои мајка ми ги научила од баба ми и ми ги подготвува од време на време, како манџа со дуни, чомлек, кох и сл. Уживам во вкусовите на ориенталните специјалитети, а ја обожавам и кинеската храна.


Во Бамберг- Германија

OhridNews: Ваш најголем успех и неуспех?

С. Точков: Целиот живот е испреплетен со качувања и паѓања, успеси и неуспеси. За жал, во ова време на невреме во кое живееме, за најголем успех ја сметам способноста да се остане Човек, во вистинска смисла на зборот, со чист образ и без „флеки“. Горд сум што го имам тоа чувство на спокој. Неуспехот го врзувам со неколку се’ уште нереализирани цели во Црвен крст Охрид, пред се обебзедување на соодветна локација за Центар за безбедност на вода на Охридското езеро, но и тоа ќе чека некои подобри времиња и созревање на идејата за потребата од тоа кај компетентните лица и институции.

OhridNews: Совет кој најчесто им го упатувате на своите деца?

С. Точков: Да читаат! Да бидат вредни, чесни и посветени на она што го имаат зацртано како своја цел. До сигурен успех се стигнува само со упорност, љубов и страст кон она што го работат.

Тања Кувенџиска