Охриѓанката Снежана Билко, мотивациски говорник, со години се грижи на своите следбеници на социјалните мрежи и учесници на работилници да им ја зголеми самодовербата, мотивацијата и да им ја врати насмевката на лицето. Снежана е сопственик на првиот мотивациски веб портал во Македонија www.bidivovortex.mk и на Центарот за личен развој „Вортекс Груп“ од Скопје.

OhridNews: Од кога функционира Вортекс интернет страната?

С.Б.: Тоа е првиот мотивациско-инспиративен веб портал во Македонија кој функционира од октомври 2016-та година, кој го работам со една огромна љубов и огромна страст.

OhridNews: За што поточно станува збор?

С.Б.: Се работи за мотивациско-инспиративен веб портал на кој главната мисија и цел, освен што му е да се доближи Вортекс и Законот на привлекување на пошироката читателска јавност, исто така има за цел и идеја да ги мотивира сите оние души на кои им е потребна мотивација во секојдневниот живот. Сите оние кои можеби се на некоја раскрсница моментално, сите оние на кои им е падната нивната мотивираност, самодоверба, нивниот оптимизам. На овој портал можете да најдете различни содржини за и околу мотивацијата, техники и методи според Законот на привлекување, интервјуа со различни личности од македонската уметничка сцена, видеа за и околу мотивација од големи светски имиња, блог каде се наоѓаат дел од моите авторски текстови, слики и видеа од мои изминати Мотивациски работилници и семинари итн.

OhridNews: Како се случија Вашите први контакти со Законот на привлекување и Вортекс?

С.Б.: Од денешна дистанца сфаќам дека јас со овој закон кој е природен закон, сум се сретнала уште во далечната 2008-ма година кога почнав да пишувам свои текстови кои беа тесно поврзани со сето ова денес што го работам. Отворив и свој личен блог каде и почнав да ги објавувам истите. При една моја тешка духовна состојба барав причина зошто тоа ми се случува и барав решенија, и потајно длабоко во мене верував силно и знаев дека постојат.  Долго време истражував и случајно се сретнав со книгата „Тајна“ од Ронда Брн која ми го измени комплетно мојот сопствен живот и се она што го живеам. Се сретнав со повеќе мотивациски говорници од Балканот и од Светот и така навлегов уште подлабоко во значењето и употребата на сите техники и методи од Законот на привлекување и Вортекс. Се трудев колку можам да присуствувам на сите вебинари (онлајн семинари, работилници, предавања) и секако семинари низ Балканот на кои и директно и учествував.

OhridNews: Колку тоа влијаеше врз Вашите понатамошни ставови, размислувања?

С.Б.: Премногу! 🙂 Мојот живот и целокупната моја реалност која почнав да ја живеам се изменија комплетно. Јас станав една сосема нова личност, личност многу подобра од тоа што бев.

OhridNews: Освен интернет страницата, вие организирате и голем број семинари. Какви се реакциите на луѓето на почетокот кога се информираат за Вортекс и по извесен период?

С.Б.: Главната мисија и целта на мојот Центар за личен развој „Вортекс Груп“ кој го отворив од неодамна е да прави Мотивациско-инспиративни семинари, работилници, предавања, конференции со кои ќе им се даде на сите луѓе можност да се мотивираат, со нивното учество да сфатат дека е повеќе од потребно да работат на себе и на својот личен развој како би искреирале една поубава и позитивна реалност. Реакциите се одлични, јас сум премногу задоволна, до сега имам вкупно околу 10 евенти за нецела една година од ваков тип во Скопје и во другите градови низ Македонија. Се радувам многу, бидејќи на луѓето им се од голема корист овие мои семинари, се радувам што им делуваат многу позитивно и што после секој мој семинар добивам повратни информации за промените на нивните животи кон подобро. Сепак, оваа професија е релативно нова кај нас и потребно е малку време да луѓето осознаат и сфатат кои се придобивките од сето она јас што го работам. Благодарна сум на сите мои учесници до сега и пресреќна сум што ги има се повеќе.

OhridNews: Многумина утрото го почнуваат загрижени и без насмевка. Колку тоа зависи од тежината на проблемите или едноставно од ставот на личноста кон нив?

С.Б.: Зборот „проблем“ треба да се замени со зборот „предизвик“. Сите ние имаме свои предизвици и контрасти во својот шарен мозаик наречен живот и впрочем без нив животот не би имал никаква смисла. Доколку луѓето ги изменат нештата на гледање на одредени работи во нивните животи, и самите нешта ќе се изменат. Ако го започнеме нашиот ден без насмевка и доколку сме на една ниска вибрација тогаш само ќе привлечеме негативни случки, настани и луѓе и повторно ќе живееме една негативна и неубава реалност. Ако се разбудиме наутро со насмевка, се заблагодариме на се она што го имаме, доколку сме на вибрација на среќа само тогаш можеме да живееме позитивна реалност и да сме сведоци на убави случувања во нашите животи.

OhridNews: Како да се врати насмевката и самодовербата?

С.Б.: Вашата насмевка и вашата самодоверба ќе ја вратите со многу труд и работа на себе, со сите оние техники и методи кои јас ги говорам на моите семинари, ќе ја вратите со кревање на вашата вибрација, ќе ја вратите со будење на вашата свест и кревање на вашата свест дека ние сме сите овде да битисуваме во среќа, радост, во исполнетост и во љубов.

OhridNews: Ваш совет до читателите.

С.Б.: Ух, совети имам премногу. 🙂 Најважно од се, запомнете дека вие сте креатори на вашата сопствена реалност, вие и никој друг. Вие не сте наљудувачи на сопствениот живот, не оставајте животот да поминува пред вас, туку потребно е вие сами да си го искреирате она што сакате да го живеете. Сфатете дека вие не сте само она тело кое го имате, вие сте и многу, многу повеќе од тоа. Вие сте многу повеќе од тоа што го правите во моментов. Откријте што е вашиот порив, вашата страст и што најмногу сакате да правите во вашиот живот, осмелете се и направете го тоа! Бидете позитивни, бидете смирени, работете на себе, медитирајте, бидете благодарни за се што имате и се што правите, правете го со емоција на љубов. Доколку пристапите на се со една чиста емоција на љубов, вашиот живот комплетно ќе се измени!

Т.Кувенџиска