Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите…

Повеќе од 20 години водител на ТВ и радио емисии, фестивали, хуманитарни настани, препознатлив урбан лик, кој речиси и да нема охриѓанец кој не го познава, но и пошироко. Основач на Велосипедскиот клуб „З’Ш Точак“, некогашен актер-аматер во охридскиот театар, член на музички бенд, ловџија, планинар, Жанко З’Ш Голабоски, во денешното интервју, во својот препознатлив стил зборува за слободното време, за она што му недостига на Охрид, за дружењата со пријателите….

OhridNews: Утринското кафе „најслатко“ ми е кога го пијам со….

Ж.Г: Утринското кафе е најслатко кога го пијам со тие што најмногу ги сакам, значи сам, тоа е вистината да не се мамиме, самите најмногу си се сакаме.

OhridNews: Како најчесто ги минуваш викендите?

Ж.Г: Викендите јас не ги минувам, тие ме минуваат мене. Се знае, во планина, планинарење, лов, велосипедизам, еко патроли, а богами и не само викендите, скоро секој ден сум во планина.  

OhridNews: Ако го споредиш Охрид сега и пред десет години што највеќе ти недостига?

Ж.Г: Па сега и пред 10 години на Охрид му недостигаат едно 20-тина илјади жители, семафорите, појќе од пола Чинар, граѓани, насмевка на лицата и ТУРИСТИ.

OhridNews: За кој вид музика би рекол дека е „музика за душа“?

Ж.Г: Турбо фолк (хахахаа). Па лично мене ме бендисвит џез, џез-рок, фанк, а богами слушам и класика, ама скришно з’ш ќе речет види го овај селјаков класика слушат место да си ја слушат нашата ЦЕЦА, како секој нормален.

OhridNews: Доколку не е Охрид, кој град или држава би ја избрал за живеење?

Ж.Г: Охрид не го менувам ни за град ни за држава, затоа што ОХРИД е ГРАД – ДРЖАВА!

OhridNews: Долги години беше дел од тимот на Аквариус. На кои моменти од тоа време најчесто се навраќаш?

Ж.Г: Е сега на прашањево имам 10 страни да ви одговорам ама накратко. Прво да кажам дека од пред еден месец пак сум дел од менаџерскиот тим на „Аквариус“ и ќе продолжиме со позитивниот дух, ведрото расположение и секојдневните изненадувања, а оваа година славиме 25 години. Роденденот ќе се слави цела година, значи ќе има многу журки, интересни настани и изненадувања преку цела година. А, за моите случувања и почетоци во „Аквариус“ ќе направиме едно посебно интервју, има многу случки кои треба да се кажат и да се запишат, само накратко ќе речам  дека „Аквариус“ е начин на живеење.

OhridNews: Однесувањето на охридските угостителски работници е дел од скечевите на К-15, тема на социјалните мрежи, а се најде и на владините реклами. Оправдано или не?

Ж.Г: Дел оправдано, дел не, скечовите се ОК, а владините реклами всушност ги гледам како антиреклами, иначе однесувањето на угостителските работници во секој случај треба да се подигне на повисоко ниво и конечно да сfатиме дека сите треба да се бориме за промоција на туризмот, мислам на туризам преку целата година, а не 15 дена, затоа што Охрид има понуда за 365 дена туризам, што за жал не е така.

OhridNews: Ги славиш своите родендени?

Ж.Г: Ги славам, секоја година сега засега(хахаха), а воедно на исти ден има роденден и мојата емисија „Охриде не бери гајле“ и велам дека е убаво да се слават родендени, што повеќе родендени славиш толку подолго живееш.

OhridNews: Дружењата со пријателите се поретки или почести и без што не минуваат?

Ж.Г: Моите дружења со пријателите се ептен ептен чести, секојдневни и нормално минуваат со лаф муабет,  разни шеги, дружење низ планина, на велосипед, со добра храна и добро вино, некогаш со какао со цимет, некогаш со месен нарезок и вегета (хаахаха) и секогаш со позитивна мисла и многу смеење.

OhridNews: Познато си ТВ лице, водител на радио емисии, фестивали…Да те препознаваат насекаде е плус или минус?

Ж.Г: Е па тоа е интересно прашање на кое кратко ќе одговорам – Колку шо е убо, толку и неубо, ама генерално гледано во секој случај е ПЛУС.

OhridNews: Што е поголем предизвик-да се води емисија на ТВ или на радио?

Ж.Г: Предизвик е и едното и другото, бидејќи се си има своја драж. Во секој случај моите емисии се од забавен карактер, без политика и така ќе продолжат и во иднина.

OhridNews: Имаше и успешна актерска кариера во неколку претстави-комедии. Тешко е да ги насмееш охриѓани?

Ж.Г: Да, бев дел од охридскиот театар, имавме над 20 комедии, за кои охриѓани се’ уште зборуваат и прашуваат (штета што тогаш немавме вакви телефони за да ги снимаме). Во секој случај охридската публика многу ги прифати нашите претстави, па ги гледаа дури и по повеќе пати, исто така голем успех имавме и со серијата „Штаб“ која ја игравме во Универзална сала, а се снимаше и за ТВ. Иначе охриѓани се љубители на комедијата и воопшто не е тешко да ги насмееш, нормално препознаваат добар хумор, а ние таков им презентиравме.

OhridNews: Три јадења на кои не можеш да им оддолееш….

Ж.Г: Бифтек, сарми, пастрмка, рибна чорба, бечка шницла, жабји батаци, морски плодови, прасечко и јарешко печење…. УПС пардон, три требаше да кажам (хахаха).

OhridNews:Омилен филм?

Ж.Г: „Село моје мало“.

OhridNews: Твое животно мото?

Ж.Г: Животот е како огледало, насмевни му се и ќе ти се насмевне, намурти му се и ќе ти се намурти. („Чорбаџи Теодос“)

Тања Кувенџиска