Националната телевизија „Телма“ повикувајќи се на извори од МВР, јави дека пред Свечената вечера која во негова чест ја организираше претседателот Ѓорге Иванов, во една од салите на хотелот експлодирал еден од рефлекторите. На изненадување на обезбедувањето на Емирот, започнало да се шири чад, предизвикан од топење на материјата од рефлекторот, а веднаш потоа дошло до течење на стопената материја над самите глави на персоналот во таа сала. Персоналот најнапред самиот интервенирал со рачни протипожарни апарати, поради што ситуацијата визуелно дополнително се влошила бидејќи се создала пена која се ширела и течела наоколу. Неуспешната интервенција предизвикала доза на паника кај персоналот, по што биле повикани пожарникари. Противпожарната бригада на Град Скопје интервенирала веднаш и успешно, а како што изјави командантот Благоја Менковски, практично се работело за мал инцидент кој предизвил чадење без сериозни последици или ризици.
Но, непријатната ситуација веќе била создадена. Обезбедувањето на Емирот, навидум без нервоза и паника, ја следело ситуацијата, а по интервенцијата на пожарникарите, извршиле проверки и потоа се согласиле дека нема ризици Шеик Хамад бин Калифа Ал Тани да замине на вечерата која во негова чест ја организирал македонскиот претседател. Шефот на државата Иванов и самиот бил во многу непријатна ситуација и практично, пред влезот на салата за вечера, го чекал својот висок гостин. Вечерата потоа се одржала.
Емирот од Катар вчера околу пладне допатува во официјална посета на Македонија, пристигнувајќи со голема делегација, како прв крал од една арапска земја кој ја посетил нашата држава.
Тој вчера оствари официјална средба со претседателот Иванов кој го одликува Емирот на Катар со орден „8-ми Септември“ за заедничките заложби
во афирмацијата на дијалогот меѓу цивилизациите и религиите и
соработката со Република Македонија на тој план, како и за особениот
придонес и посветеност кон развојот и унапредувањето на односите меѓу
Државата Катар и Република Македонија.
Извор: „Тв Телма“