Еден полицаец е повреден при судирот на македонската полиција со мигрантите кои утрово се обидоа насилно да влезат во Македонија, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи. Според официјалните информации, околу 5.000 мигранти се обиделе да влезат во Македонија и при обидот насилно да преминат на македонска страна, била скршена заштитната ограда која беше поставена на границата.

За растерување на мигрантите македонската полиција употребила хемиски средства, а светските агенции утрово јавија дека бил употребен солзавец и чадни бомби.
 
Бегалскиот прифатен центар Идомени на грчката на страна на границата може да прими само околу 2.000 лица и тоа за краток престој. Голем број мигранти во Центарот, спијат на отворено, чекаат со часови да добијат храна и вода, а пред санитарните простории има долги редови, јавува германската агенција ДПА.

Во текот на целата недела Македонија пушташе мал број мигранти да ја минат границата, додека претходниот ден околу 300 Ирачани и Сиријци влегле во земјава.

Во понеделникот во Атина пристигнал траект со 1.800 нови бегалци. Според информациите на УНХЦР, околу 3.000 луѓе доаѓаат на грчките острови секој ден.  Според извештаите во грчките медиуми, моментално има повеќе од 25.000 мигранти ширум земјата, вклучувајќи ги оние во Идомени и оние кои чекаат на островите.

OhridNews
извор Макфакс