
Според Драган Глигориевиќ, претедател на Меѓународниот центар за развој на туризмот и угостителството (Sacen Internacional) Охрид е светска туристичка дестинација која недоволно се промовира. Тој укажува дека Охрид, како и Македонија и другите земји во регионот прават голема грешка што своите туристички потенцијали ги нудат само во земјите од опкружувањето. Со тоа, смета Глигоријевиќ, им се дава предност на останатите региони кои со заедничка и добро осмислена понуда го освојуваат светскиот пазар.

Тој укажува дека Охрид на светскиот пазар треба да се позиционира како Дубровник кој има имиџ на скапоцен камен во светската туристичка понуда и изрази надеж дека од собирот на туристичките работници во Охрид ќе произлезат позитивни идеи за заеднички настап на регионот во 2011 година.
– Бог многу повеќе дал тука отколку што е тоа искористено. Голема штета би било доколку Охрид би останал непознат пред туристичкото движење. Охрид е хит-дестинација, бидете сигурни дека одовде пораката ќе биде пренесена дека тој е бисер на светскиот туризам, додаде Глигоријевиќ.

Меѓународната конференција за туризам во Охрид е во организација на Меѓународната Организација – Sacen Internacional- центар за развој на туризмот и угостителтвото, во соработка со претпријатието „Филип“ ДООЕЛ, како и Општина Охрид. Учествуваат шеесетина научни и туристички работиници од земјите во регионот кои на тридневниот собир во Охрид ќе разменат мислења за културниот, верскиот, конгресниот и другите видови туризам како и за гастрономската понуда.












