Особено ми значи што сум дел од 59-тото по ред издание на фестивалот „Охридско лето“, што подразбира дека станува збор за еден сериозен фестивал којшто навистина се грижи за уметниците и за доловувањето на уметноста. Ова денеска на прес-конференција го изјави светски познатата оперска певица, сопранот Инва Мула од Албанија која вечерва, заедно со нејзините гости, сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, како и пијанистот Генц Тукичи ќе одржат концерт на „Охридско лето“.
Благодарам на поканата да бидам овде, во ова уникатно место во Европа. Пред повеќе години учествував неколкупати на фестивалот и се’ уште се сеќавам на магичниот амбиент на црквата „Света Софија“ во која настапував. Посебно ми е мило што нема да се претставам сама вечерва, туку со моите колеги, Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски. Добро е енергијата што ја поседувате да ја споделувате и да направите убава синергија со другите гласови. – изјави Инва Мула.

Двапати сум бил во Скопје, но во Охрид настапувам првпат. На „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ учествувал и мојот татко во далечната 1970 година, и има големи импресии од тој настап. За мене тоа е посебно доживување, да ја продолжам традицијата што ја негуваше татко ми. – рече пијанистот Тукичи.

За мене како македонски уметник, Охрид и „Охридско лето“ имаат навистина специјално значење и морам да истакнам дека сум многу повеќе возбуден денес отколку кога настапувам на реномираните светски сцени. Вечерва во публика ќе ги имаме нашите престижни македонски уживатели на сериозната музика, а имаме многу пријатели коишто ќе дојдат да ја проследат спекракулатната Инва Мула. – рече Цуцковски.

Јас и Ѓорѓи сме многу среќни што веќе неколку години соработуваме со Инва Мула. Имавме прекрасен концерт во 2012 година со Оркестарот на Националната опера и балет на нашата држава, а исто така, Инва беше поканета и на Мајските оперски вечери. Што се однесува до нашиот вечерашен концерт, јас првпат настапувам на магичната сцена во црквата „Света Софија“. Покрај настапот на прекрасната Инва, ќе имаме многу убави дуети, избор што таа го направи за вечерашниот репертоар на фестивалот. – најави Дешира Ахмети.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Улогата на Виолета во „Травијата“ претставува еден вид уметнички потпис, па така, истата ја повторува во Виена, Милано, Лондон, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид. Нејзините сценски парнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго Виторио Григоло.Како голем уметник редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз и Санкт Петербург. Учесници на вечерашниот концерт вечерва ќе бидат и моите драги колеги од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски.Вечерва ќе имаме едно посебно доживување во црквата „Света Софија“. – рече селекторот Ристов.

Не’ радува фактот што има голема заинтересираност за вечерашниот концерт, не само од локалните посетители, туку и од гости од поширокиот регион. – нагласи Поповиќ.
Концертот на големите уметници ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
OhridNews
					



							






