Локум спакуван во амбалажа со фотографии на охридски знаменитости е еден од кондиторските производи, кои во последно време се вистински магнет за туристите, кои сакаат да купат нешто, што е поврзано со Охрид. Иако вака пакуваниот локум се продава по нешто повисока цена од просечната, тоа не претставува проблем за овие купувачи, кои се подготвени да платат и повеќе пари за слични производи.
Освен локумот кој нема посебна поврзаност со нашиот град, низ охридската чаршија се нуди и црна алва, карамелизирани бадеми и лешници, зашеќерени јаболки, сусамки со мед и слични прехранбени производи, кои иако не се атрактивно амбалажирани, сепак солидно се продаваат.
Туристите велат дека ваквите производи претставуваат убав подарок или сувенир, кој може да се купи од Охрид.
-Иако неколку пати сум била во Охрид, до сега немав можност на моите роднини и пријатели да им однесам нешто што на прв поглед изгледа дека е купено во овој град. Но ова лето во охридската чаршија најдов локум, кој на своето пакување има слика од охридска црква. Кога го видов веднаш купив неколку кутии за подарок. Сметам дека комерцијализацијата на убавините кои ги има Охрид е еден вид на добра реклама за градот како туристички центар и сметам дека треба повеќе да се практикува, вели Весна Јовановиќ, турист од Србија.
Од охридската фирма која го произведува локумот на чија амбалажа има фотографии од Охрид велат дека се задоволни од интересот кој го покажале туристите за нивниот производ.
-Ваков вид на амбалажа беше нешто ново на охридскиот пазар. Идејата беше, преку убавите фотографии од Охрид да се понуди производ кој исто така е произведен во Охрид. Сметаме дека ова е еден позитивен начин за промоција на градот, а воедно и промоција на локалното стопанство, велат од охридската фирма, која има долгогодишно искуство во производството на прехранбени производи.
Туристичките работници од Охрид сметаат дека тоа што охридските убавини започнале да се користат за зголемување на продажбата на одредени производи е чекор напред во туристичката инвентивност на охриѓани.
-Вакви производи до сега му недостасуваа на Охрид, но сметам дека сепак треба да се води сметка за видот и потеклото на производите кои се продаваат со предзнак охридски. Исто така мора да се води сметка за квалитетот и авторизацијата на фотографиите кои што се користат, односно да се изнајде соодветен начин за регулирање на ваквата комерцијализација на знаменитостите, велат претставници на неколку туристички агенции со кои поразговаравме на оваа тема.
Надлежните во општина Охрид велат дека во согласност со годишната Програма за поддршка на локалниот економски развој и Стратегијата за одржлив развој на општина Охрид, веќе е започната процедура за поттикнување на брендирање на производи и услуги во локалната економија, по препораките на ЕУ и законската регулатива.
-Се работи за сложена активност која предвидува отпочнување на процес за идентификација на локалните производи и услуги. Планирано е да се изврши брендирање на „Сертификатна марка“ за заштита на квалитет, потекло, начин на производство и други заеднички карактеристики во однос на потеклото на одредени производи и услуги и „Трговска марка“ за заштита на поединечни брендови, услуги, дизајн и етикета „Охридски“, како и специфичен и уникатен слоган, појаснува Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.
Тој нагласи дека главна цел на овие активности е поттикнување и промоција на локалната економија.
Е.М