Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер, Никола Груевски се уште имаат најголема поддршка кај граѓаните, но исто толкав број на граѓани се изјасниле дека не би гласале за ниедна политичка партија и немаат доверба во ниту еден од политичките лидери, покажува анкетата на Институти за политички истражувања од Скопје. 

На прашањето „доколку претпоставиме дека наскоро би можело да има парламентарни избори, за која политичка партија би гласале?“, 23,7 отсто од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 15,5 отсто би гласале за СДСМ, за албанската ДУИ би гласале 7,1 отсто од анкетираните, додека за ДПА, 4,2 отсто и 1,1 отсто за НДП.

22,4 отсто од анкетираните одговориле дека нема да гласаат за ниедна партија, додека 23,8 отсто не знаат за кого ќе гласаат.

На прашањето „во кој политичар имате најголема доверба во моментов?“. 24,1 отсто од анкетираните одговориле дека најмногу доверба имаат во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, 7,2 отсто се определиле за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, 6,9 отсто за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, 3,9 отсто за Мендух Тачи и 1,3 отсто за Руфи Османи.

1,9 отсто од анкетираните имаат најмногу доверба во поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, а за заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска се определиле 1,7 отсто.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски има доверба од 0,6 отсто од анкетираните, а 1 отсто имаат доверба во градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски. Вкупно 26 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека немаат доверба во ниеден политичар, а 22,6 отсто немале одговор.

Истражувањето е спроведено преку телефонска анкета од страна на Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) во периодот помеѓу 19 до 21 октомври 2013 година на 1107 испитаници.

Истражувањето било реализирано со користење на случаен. „Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и регионалната застапеност, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности“ информираат од Институтот.

OhridNews