Сите девет лица во хеликоптерот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси кој се урна во северозападниот дел на земјата загинаа, јави иранската државна новинска агенција ИРНА и државната телевизија.

Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан се меѓу деветте загинати, пренесува ДПА.

Хеликоптерот на Раиси, заедно со уште два хеликоптери, бил на пат кон градот Табриз, откако претходно вчера тој ја отвори браната Киз Каласи на границата со Азербејџан.

Локалните власти присутни на местото на несреќата ја потврдија смртта на Раиси и другите патници, јави ИРНА.

Кои се другите жртви што загинаа во хеликоптерската несреќа со Раиси?

Неколку високи ирански функционери, исто така, загинаа заедно со иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во шумата Дизмар, лоцирана меѓу градовите Варзакан и Џолфа во провинцијата Источен Азербејџан.

Покрај Раиси, загинаа иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан, гувернерот на Источен Азербејџан Малек Рахмати, претставникот на иранскиот врховен лидер во Источен Азербејџан Мохамад Али Але-Хашем, шефот на претседателската гарда Мехди Мусави, пилотот на хеликоптерот, копилотот и екипажот.

Иранската влада свика итен состанок по смртта на Раиси

Иранската влада за денеска свика итен состанок по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на земјата Хосеин Амир Абдолахиан во хеликоптерска несреќа, јави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Според фотографијата што ја објави агенцијата, столицата на која обично седи Раиси е празна и покриена со црна лента во спомен на претседателот.

Иранските државни медиуми емитуваат исламска молитва меѓу извештаите за смртта на Раиси и уште осум други лица откако хеликоптерот со кој патуваа се урна во иранската провинција Источен Азербејџан.

На профилот на Раиси на Х се објавени стихови од Куранот.

Мир со Ебрахим. Навистина, така ги наградуваме оние што прават добро. Тој беше еден од нашите верни слуги, се вели во стиховите од Куранот на профилот на Раиси.

Раиси беше втората најмоќна фигура во политичката структура на Иран по врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

OhridNews

фото. МИА/ДПА